Министерот за надворешни работи Бујар Османи оствари средба со новоименуваната амбасадорка на Украина, Лариса Дир, по повод предавањето на копиите од акредитивните писма.
Ѝ посакав успех во дипломатската мисија, со уверување дека со своето искуство и лични заложби ќе придонесе за понатамошно зајакнување на билатералните односи, напиша Османи на Фејсбук.
Северна Македонија со силна поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, како и готовност за понатамошна помош во соочувањето со предизвиците од руската воена агресија, додаде Министерот.
За време на средбата, Дир извести за моменталната исклучително тешка ситуација во Украина по повеќе од 6 месеци од уништувачката инвазија од големи размери на Украина од страна на државата агресор – Руската федерација.
„Украина и Република Северна Македонија имаат одлични перспективи за проширување на соработката во сите сфери; заеднички ќе продолжиме да работиме на продлабочување на трговско-економските, културните, образовните и туристичките врски меѓу нашите земји“, изјави Амбасадорката на Украина Лариса Дир.
М.Д.