Повеќе од седум часа трае блокадата во Белград на влезовите на зградата на државната радио-телевизија РТС што ја почна синоќа од студентите во блокада кои најавија дека ќе трае 22 часа. Вработените во Радио телевизија на Србија можат да си заминат, но ќе бидат спречени да влезат во зградата, најавија демонстрантите.
„На 10 март 2025 година студентите почнаа со блокада на зградата на РТС, што ќе трае до 22 часот. Придружете ни се. Влезот во зградата е строго забранет. На вработените им е дозволено да заминат. Никој не влегува во зградата додека РТС не се ослободи“, се вели во соопштението објавено на социјалните мрежи. Тие ги повикаа граѓаните кои сакаат да им помогнат да го сторат тоа со донации.
Реакцијата на студентите беше предизвикана од гостувањето на Александар Вучиќ во вестите на Јавниот сервис, при што водителката ги нарече „орда“ (rulja) студентите и граѓаните кои најавија протест во Белград на 15 март.
Студентите најавија дека ќе го блокираат и влезот во студиото на РТС во Кошутњак, од каде, како што соопштија од јавниот сервис, ќе се емитува утринската програма.
Блокади беа организирани и пред Радио-телевизија Војводина и Телевизија Крагуевац.
Протестите почнаа откако новинарка на РТС ги оквалификува студентите во блокада како – „орда“ (rulja).
„Вечерва водителка на РТС не нарече орда. Затоа вечерва ја блокираме зградата на РТС. Без насилство, без упади. На сите вработени ќе им биде дозволено да ја напуштат зградата – но никој не влегува“, најавија студентите на Медицинскиот факултет во Белград, пренесе МИА.