Групацијата за обновливи извори на енергија (ГОИЕ) при Стопанската комора информира дека трите хидроелектрани на Маркова Река воопшто не се дел од Групацијата, во реакција на објавите на здружението Еко-свест во врска со затрупувањето на Маркова Река како последица од градежните активности за трите мали хидроелектрани што се градат во погорниот тек на оваа река и бара надлежните институции да го истражат случајот во целост.
Групацијата за обновливи извори на енергија најстрого ја осудува секоја злоупотреба на животната средина и нарушувањето на биодиверзитетот во и околу реките и како Групација се залагаме за одржливо искористување на ресурсите, за реализација на проекти за заштита на животната средина и за свет без емисија на јаглероден диоксид и метан, велат од Групацијата.
Нагласуваат дека остануваат отворени за поддршка и секаков дијалог со институциите за имплементација и креирање на политиките во областа на енергетиката и заштита на речните корита, како и за соработка со невладиниот сектор за пресретнување на потенцијалните проблеми и заедничко поттикнување активности и проекти за заштита и унапредување на животната средина, стои меѓу другото во реакцијата на ГОИЕ.