Balkan Investigate Reporting Network – BIRN изработи и објави база на податоци „Странски инвестиции под лупа”, истражување кое опфаќа 138 најавени или промовирани инвестиции во периодот од 2007 до 2016 година. Според истражувањето кое го спроведе новинарскиот тим на БИРН, во овој период се регистрирани седум пати помалку инвестирани средства од најавеното и три пати помалку отворени работни места отколку што ветиле инвеститорите или претставниците на власта!
Дури 43 од најавените странски инвестиции воопшто не се реализирани или пак се пропаднати, што е речиси третина од вкупниот број на инвестиции опфатени во базата! Вкупно 26 од странските компании добиле државна помош, меѓутоа сумите со кои граѓаните со парите што ги плаќаат за даноци и за други јавни давачки го финансирале влезот на некој од инвеститорите, не се познати, стои во соопштението од БИРН.
„Неколкумесечното истражување на БИРН покажа дека владиниот пи–ар работел толку интензивно на промоција на странски инвестиции, креирајќи очекувања во јавноста дека постојано ќе се отвораат нови фабрики и работни места, што една инвестиција се промовирала и по неколку пати, неретко со различни цифри за сумата на инвестицијата и бројот на работни места што ќе се отворат“, се вели во текстот во Призма.
Меѓу најголемите нереализирани најавени инвестиции се: „Веибо Груп, турската компанија којашто планираше изградба на голем текстилен центар во индустриската зона Ранковце близу Крива Паланка во вредност од 315 милиони евра, инвестицијата на американската компанија Ду Понт и ирската Етанол Јуроп Рењуевлс кои до 2016 година требаше да инвестираат 250 милиони евра во фабрика за производство на целулозен биоетанол во Пелагонискиот регион; и инвестицијата на индискиот милијардер Субрата Рој којшто неколку пати доаѓаше во Македонија и заедно со властите најави дека ќе вложи најмалку 200 милиони евра“
Базата на податоци отвора пат за идни длабински истражувања на оваа тема и е изработена во рамките на Проектот за истражувачко новинарство и соработка меѓу медиумите и граѓанскиот сектор, дел од програмата на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Македонија.