Европската комисија ги прекршила правилата за транспарентност на ЕУ со тоа што го одбила барањето на новинар за пристап до текстуалните пораки меѓу претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла за набавката на вакцини против Ковид-19 за Унијата, оцени денеска Општиот суд на ЕУ.
Според оценката на Судот со седиште во Луксембург, Европската комисијата „не дала веродостојно објаснување за да го оправда“ одбивањето на барањето на новинарот за пристап до текстуалните пораки.
Случајот произлезе од тужба од 2023 година поднесена од весникот „Њујорк тајмс“, откако ЕК одбила да ги достави на увид СМС-пораки разменети меѓу Фон дер Лајен и Бурла од пролетта 2021 година, со кои се договарала набавката вакцини во екот на пандемијата на Ковид-19 низ Европа.
Според „Њујорк Тајмс“, преку оваа размена на меѓу Фон дер Лајен и Бурла, Еврокомисијата, во име на 27-те земји членки на ЕУ, склучи договор со „Фајзер“ за набавка до 1,8 милијарди дози вакцини против Ковид-19, чија вкупна во вредност изнесувала 35 милијарди евра.
Новинарката на весникот, Матина Стивис-Гриднеф барала пристап до сите текстуални пораки разменети меѓу фон дер Лајен и Бурла помеѓу 1 јануари 2021 година и 11 мај 2022 година за нивно известување, но ЕК го одбила таквото барање со образложение дека „не постојат такви документи“.
Весникот реши да покрене тужба против Комсијата поради ваквата одлука, дополнителни и поради шпекулациите дека СМС пораките биле избришани.
Во 2022 година, Европскиот омбудсман ја осуди одлуката на Комисијата да го одбие барањето за пристап до пораките.
Во друг случај поврзан со купувањето на вакцините против Ковид-19 од „Фајзер“, Општиот суд на ЕУ лани пресуди дека Комисијата не овозможила „доволен пристап на јавноста“ до договорите за нивна набавка.
Дополнително во тек е и истрага на Канцеларијата на европскиот јавен обвинител околку набавката на вакцините против коронавирусот од страна на ЕУ. Обвинителството ја покрена истрагаѕа со образлоение дека во негова надлежност се „нанесувањето штета на Буџетот на ЕУ, случаи од наднационална природа, како и процеси кои веројатно ќе влијаат на угледот на институциите на ЕУ и довербата на граѓаните“.
Во април 2023 година белгискиот активист и лобист специјализиран за трговски односи Фредерик Балдан поднесе тужба против Фон дер Лајен пред Судот во Лиеж обвинувајќи ја за „злоупотреба на функцијата и звањето“, „уништување на јавни документи“ и „незаконско богатење и корупција“. Кон тужбата потоа се приклучија и десетина организации и поединци, но и две земји членки на ЕУ – Унгарија и Полска, кои во тоа време беа во спор со Фон дер Лајен, поради одлуката на Европската комисија да ја замрзне исплатата на средства од еврофондовите за нив, пренесе МИА.