Судскиот совет при Основен кривичен суд Скопје ги прогласи за виновни обвинетите Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Во обвинението стои дека обвинетите заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Доживотна казна затвор им беше изречена денеска на обвинетите Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се товареше дека давал информации за движењето на неговата ќерка, е ослободен од обвинение.
Обвинетите на почетокот од процесот кој траеше нецела година изјавија дека не се чувствуваат виновни.
Во завршните зборови, одбраната на обвинетите побараа ослободителна пресуда, додека, Основното јавно обвинителство побара максимална казна доживотен затвор за Палевски, Кешишев, Видевски и Манев, а за таткото на Вања побара судот да му ја одреди соодветната затворска казна.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес, пренесе МИА.