Одлуката на Уставниот суд на Босна и Херцеговина да ја отфрли жалбата на Милорад Додик и да ја потврди легитимноста на високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, беше очекувана од многумина. Од друга страна, се чини дека Додик, и покрај пресудата на Судот на БиХ, верувал во малку поинакво сценарио. Сепак, тој тврди дека не е разочаран, но најавува дека ќе бара правда во Стразбур.
Уставниот суд ја донесе својата конечна одлука во врска со судскиот процес во кој е вклучен поранешниот претседател на РС. Барањето е одбиено – да се поништи пресудата на Судот на БиХ со која Додик беше прогласен за виновен. Некои политичари од БиХ, вклучувајќи ги и поранешните коалициски партнери на Додик, го гледаат ова како конечен крај на политиката на Милорад Додик, пишува Радио Сарајево.
„Тој ги призна институциите на Босна и Херцеговина и високиот претставник Кристијан Шмит и се согласи со сите услови што му донесоа само лична корист, како што е укинување на санкциите против него, неговото семејство и соработниците“, рече претседателот на НИП, Елмедин Конаковиќ.
„Денес имаме поинаква политичка средина, имаме поинаква улога за Додик во политиката во Босна и Херцеговина. Како ќе заврши со СНСД, не сакам да учествувам во тоа, ниту сакам да прејудицирам, ниту сакам да толкувам судски одлуки, но што се однесува до мене, одлуката на Уставниот суд е сосема очекувана“, смета Илија Цвитановиќ (ХДЗ 1990).
Иако рече дека одлуката не го изненадила, Милорад Додик сепак се обрати до јавноста за да го изрази својот став за самата одлука. Тој имаше и порака за оние кои веруваат дека пресудата е крај на една политика.
„Ќе ја продолжиме борбата со нашите политики, нашите политики не се изгубени, тие се многу стабилни. Сè што рековме дека се нашите политички цели ќе биде дел од нашата ориентација во иднина“, рече Додик.
За адвокатите нема дилема – човековите права и слободи не се прекршени.
„Не би ги коментирал одлуките на Уставниот суд на БиХ, но мислам дека тие се на некој начин во согласност со она што Уставниот суд претходно го одлучи за надлежноста на високиот претставник. Драго ми е што судството покажа преку овој случај, како што рековме во март, дека нема недопирливи“, рече претседателот на ВСС, Санин Богуниќ.
По одлуката на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, отстранети се сите сомнежи дали предвремените избори за претседател на РС ќе се одржат на 23 ноември, според одлуката на ЦИК.
Д. Т.












