На поранешниот помошник министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски, покрај деветгодишната затворска казна, во Кривичниот суд Скопје денеска му е одредена и мерката притвор поради опасност од бегство. Поповски е осуден поради злоупотреба на службена положба во предметот на СЈО „Триста“, во кој беше обвинет за јавната набавка на 300 возила за потребите на МВР.
Претседателката на судечкиот совет Добрила Кацарска, по читањето на пресудата даде пауза за консултации, откако специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи побара судот на Поповски да му одреди притвор поради опасност од бегство, а адвокатот Стерјо Зиков, како бранител на обвинетиот, се спротивстави на барањето за притвор.
-Поповски ниту досегам ниту отсега, има намера да бега. Тој е семеен човек, а притоа треба да се има предвид и неговата здравствена состојба, рече Зиков и додаде дека има намера да го искористи правото на жалба на пресудата до повисоката судска истанца, рече Зиков.
Самиот Поповски пред судот кажа дека не планира да бега, дека е семеен човек, со син кој е на школување, а има и болна мајка.
За кривичното дело за кое беше обвинет законот предвидува казна затвор од четири до 15 години.
Ѓоко Поповски е обвинет дека со јавната набавка на 300 возила за МВР го оштетил буџетот за 453.570 евра. Според СЈО, Поповски незаконски доделил договори за купопродажба и одржување возила на Порше Македонија ДООЕЛ Скопје, Ка-Дис ДОО Скопје, Бохемија Автомобили Роус ДООЕЛ Скопје, Колевски ДОО Скопје и Авто Куќа ДОО Скопје избрани како економски најповолни понуди. (МИА)