ВЕСТ НА ДЕНОТ
Јовески ја суспендира Вилма Русковска, поведена дисциплинска постапка против уште две обвинителки
Јавното обвинителство соопшти дека е поднесен предлог за дисциплинска постапка против тројца обвинители, кои намерно сториле крупна професионална грешка, пренесува Слободен печат.
„Во исто време, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе Решение за оддалечување од функцијата за еден јавен обвинител додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против наведениот обвинител“, се вели во соопштението.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Активната транспарентност на МВР од просечни 59.5% во 2016, денеска во 2022 изнесува високи 91.7% – скок за 32.2% кој заедно со мојот тим успеавме да го издејствуваме откако го преземав раководењето со МВР – од почетокот на рангирањето во 2016 година до денес, поминувајќи три нивоа, од крајно затворена институција до многу добра активна транспарентност“, објави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на својот Фејсбук профил.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Руските војници мора веднаш да ја напуштат територијата на нуклеарната централа Запорожје и соседните области без никакви услови, изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски во вечерното обраќање.
Русија не престанува со уцените во и околу нуклеарната централа Запорожје. Продолжува провокативното гранатирање на територијата на АЕЦ. Под капакот на централата, окупаторите ги гранатираат околните градови и заедници. Руските војници кријат муниција и опрема токму во објектите на централата. Де факто фабриката е минирана, изјави Зеленски.
*
Руските војници убиле еден цивил и повредиле уште двајца во регионот на Доњецк на 15 август, објави на Телеграм Началникот на Регионалната воена управа на Доњецк, Павло Кириленко, пренесува Укринформ.
„На 15 август Русите убиле еден цивил во регионот на Доњецк – во Костијантинивка. Други две лица се повредени“, напиша тој.
*
Новинарите не смеат да бидат казнувани за извршување на своите професионални должности и притворот не треба да се користи како неправеден притисок врз медиумските работници, изјави денеска претставникот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) за слобода на медиумите Тереза Рибеиро, осудувајќи ја праксата за судски прогон на новинарите во Русија.
*
На Крим, окупиран од Русија, гори воена единица, а руско складиште за муниција експлодира во близина на градот Џанкој, напиша на Фејсбук претседателот на Меџлисот на кримските Татари, Рефат Чубаров, пренесува Укринформ.
„Пристигнуваат извештаи од привремено окупираниот Крим: прецизен удар врз воената единица на орките во селото Калај (моментално познато како Азовске) во областа Џанкој“, напиша Чубаров.
ФЛЕШ ВЕСТИ
СУДСТВО Условни казни за уште шестмина обвинети за инцидентите пред Собранието за време на протестите против францускиот предлог изрече Судот, откако тие признаа вина на денешното судење во Основниот кривичен суд во Скопје за настаните пред Собранието на 5 јули годинава.
ПРАВДА Во Министерството за правда во завршна фаза е текстот на новиот закон за помилување, за којшто, како што се најавува, во најскоро време ќе биде подготвена драфт – верзија. Најзначајната измена што се предвидува е дека Претседателот ќе може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на поименично определени лица.
РЕАКЦИЈА ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски не можат да уценуваат никого. Сите нивни обиди за дестабилизација на државата, сите нивни лаги за наводна асимилација и бугаризација пропаднаа, тие веќе немаат никаков кредибилитет пред граѓаните, велат од СДСМ.
ПАНДЕМИЈА Минатата недела се регистрирани сe 3.477 нови позитивни случаи на Ковид-19, што е намалување за 8,7 отсто во споредба со претходната седмица. Направени биле 7.682 тестови, а процентот на позитивност се движел од 33,4 до 49,4, просечно 43,6 отсто
ЗАШТЕДА Владата донесе мерки за заштеда на струја до 15 отсто – за домаќинствата и компаниите се предвидени препораки, а за државните институции конкретни задолженија кои мора да се испочитуваат зашто во спротивно ќе следуваат санкции. Како што соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши, мерките ќе стапат во сила од 1 септември годинава, а ќе важат до 31 март 2023 година.
КЛИМА Државниот завод за ревизија бара од државата да преземе активности за создавање предуслови за непречено функционирање на национално тело што ќе биде задолжено за контрола и координација на имплементацијата на проекти и прашања поврзани со климатската акција во Македонија
СЛОБОДНА ЗОНА
„Да прашам само исплашено, ако може? Какви биле денешните политичари во средно? Ќе се изненадите, ако го проверите овој податок. Најголем број од нив не се истакнувале посебно со знаење. Ама да не се приклучувам на сеопштото плукање на сѐ и сешто, оние што ги познаваат нека се потсетат на заедничките училишни денови со денешните пратеници, министри или други „дужносници“. Еден поранешен премиер во приватен разговор ми рече: „Што е според високото образование и не ми е толку важно, туку каков ученик е бил во средно. Ако бил добар ученик тогаш може да му се даде одговорна државна функција, а ако е бил среден или слаб ученик тогаш е за партиските структури“, пишува Војо Маневски во „Калимерозација“.
Б. Јордановска