Светска банка дава позитивна оценка за реформите на ситемите за социјална и детска заштита, кои се предложени од Министерство за труд и социјална политика, соопшти МТСП.
Од реформите се очекува трајно да ја намали сиромаштијата во Македонија и да се обезбедат еднакви услови за раст и развој за секое дете.
Во извештајот на Светска банка се препорачува и поддржува трансформација на програмата за родителски додаток за трето дете која е најмалку ефикасна, а троши најмногу средства од сите програми за социјална помош.
„Владата е свесна за недоследностите во системот за социјална помош и е посветена на спроведувањето сеопфатни реформи. Главната цел на реформите во системот за социјална заштита би требало да биде зголемување на ефективноста и ефикасноста на системот, преку реформи како на таргетираните така и на категориските социјални надоместоци“, се наведува во последниот извештај на Светска банка.
Исто така, во извештајот се истакнува дека програмите за намалување на сиромаштијата се најниски од регионот, и дека паричните трансфери што се доделуваат врз основа на законите за социјална заштита и за детска заштита се во износ од 1,2 отсто од БДП, кое е меѓу најниските во регионот и под просечно ниво на расходи за социјална заштита во земјите од Европа и Централна Азија.
А. П.