Последните два дена Фејсбук е преполн со коментари, анализи и „стручни“ мислења за изведувањето на националната химна од страна на пејачката Тамара Тодевска за време на прославата на 4 јули во Американската амбасада во Скопје.
Тодевска за време на церемонијата изостави две строфи од официјалната „Денес над Македонија се раѓа“.
По лавината од реакции се огласи пејачката која им се извини на граѓанките и граѓаните.
„Не постојат зборови со кои можам да ја опишам мојата тага поради пропустот што го направив при пеењето на химната. Понесена од емоции и од целокупната еуфорија, за жал, ненамерно изоставив дел од химната“, напиша Тамара на фејсбук.
Но и тоа не беше доволно за редовните тастатура судии да престанат со нападите, повиците за бојкот и јавен линч на пејачката. Илјадници коментари со говор на омраза, закани, повици за бојкот, но и насилство се напишаа во изминативе два дена, а од институциите молк!
По лавината од реакции Тодевска се одлучи да ги откаже двата концерти во Прилеп и Охрид.
„Почитувани, очигледната ненамерна грешка при пеењето на химната прерасна во вистински пекол за мене и моето семејство. Со оглед на тоа што не сакам да придонесувам за зголемување на нашата агонија како семејство и во интерес на смирување на целата ситуација која излезе вон контрола, решив да ги откажам концертите во Прилеп и Охрид. Се надевам дека оваа моја грешка, повторувам грешка, ќе успеете да ја надминете и дека ќе најдете начин да разберете дека е повеќе од ненамерна. Би сакала да се заблагодарам на сите што беа покрај мене во овие тешки мигови. Ниту сум била ниту ќе бидам дел од нечии политички игри, моето семејство е мој број еден приоритет и нивниот мир е на прво место при секој избор“, напиша таа на Фејсбук.