Специјалното јавно обвинителство денеска продолжи со распитот на дел од осомничените во случајот „Талир“, којшто се однесува на незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Во СЈО се појави директорот на Центарот за комуникации, Иво Котевски. Првоосомничен во „Талир“ е претседателот на партијата, Никола Груевски, кој во петокот не се појави на распит, бидејќи немал добиено уредно покана.
Но, додека првите луѓе на партијата и денеска се редат пред обвинителите во СЈО, нивниот лидер, првоосомничениот Груевски, според дел од провмровските медиуми, со семејството е надвор од државата, на „заслужен одмор“.
„И политичарите се обични луѓе и постојат периоди кога оддишката е потребна. Дека ова е вистина, потврда е и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој неколку дена оваа недела, од денес до петок, заедно со семејството, сопругата и двете дечиња ќе биде надвор од државата“, пишува вистина.мк.
Пред три дена, на распит во СЈО се појавија седуммина од осомничените, меѓу кои и поранешниот генерален секретар на партијата, Емил Димитриев, пратеничката Даниела Рангелова, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески…
Според последните информации, Никола Додевски, адвокатот на Груевски и на партискиот врв на ВМРО – ДПМНЕ, нема да може да го брани експремиерот и останатите осомничени во истрагата „Талир“, бидејќи и тој самиот ќе биде повикан од СЈО како сведок.
Според медиумите, денеска, во СЈО се појавил и поранешниот началникот на Петтата управа на МВР, Горан Грујевски којшто е обвинет за два случаја – „Тврдина“ и „Таргет“.