Виткање р’бет, политички лицемер и лажго, фрустрирано татино синче, поднапиен премиер, жестока казна, лисици во раце, Халкидики патриоти, се само дел од вчерашните зборови кои беа кажани на првата седница наменета за пратенички прашања во новиот парламентарен состав.
Филипче побара Мицкоски да го врати мандатот, тој го повика на предвремени избори
На првата седница наменета за пратенички прашања во новиот парламентарен состав, прв прашања кон премиерот Христијан Мицкоски постави лидерот на СДСМ Венко Филипче. Tој се осврна на однесувањето на Мицкоски како премиер, наспроти неговите ставови кога беше опозиционер.
Пратеникот и лидер на СДСМ го повика премиерот Мицкоски да го врати мандатот затоа што иако ветувал, сепак го користи уставното име на државата.
„Велевте дека ќе го вратите мандатот ако некогаш кажете Северна. Па ајде премиере, еве сега е шанса во Собранието да го вратите мандатот. Наместо тоа, вие и вашите министри на мала врата почнавте да го користите уставното име, а некои богами и гордост го изговараат. Со ова покажавте дека вашата политика нема никаков ’рбет, но тоа го знаевме. Она што е важно да го знаат граѓаните, е дека вие господине Мицкоски го признавте успехот на целата политика на СДСМ во однос на стратешките прашања и решавањето на споровите. Секако, ниту имате доблест, ниту честитост, тоа да го признаете“, посочи Филипче.
Премиерот Мицкоски на лидерот на СДСМ, Филипче на нивното прво собраниско соочување на седница за пратенички прашања, му одговори да не се удави во длабокото.
„Ако сакате да одиме на избори, да се провериме. Заедно со локалните (избори), може да одиме. Ако сакате, одма сега да ја договориме работата. Но да не се удавите во длабокото, каде што ве носат…“, рече Мицкоски.
Мицкоски се закани: Казната ќе биде жестока, ќе влеземе и ќе им ставиме лисици на тие што седум години ја ограбуваа државата
Господине Филипче, дали сте сигурни дека не се плашите, го праша Мицкоски опозицискиот лидер Филипче.
„Треба да се сте сигурен дека овие седум години позади нас, ниту јас, ниту било кој од нас ќе ги заборави. Бидете сигурен дека нема да бидеме како вас, нема да влегуваме со специјалци во два часот наутро и да апсиме… Ќе влеземе и ќе им ставиме лисици на тие што седум години ја ограбуваа државата и ќе одговараат. Нема потреба од маски. Казната ќе биде жестока. Измените на Кривичниот законик нема да ви помогнат. Верувајте стотици се,“ му порача премиерот Христијан Мицкоски на лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Не можам да се изначудам на лековерноста на која нашите политичари се обиделе да постапуваат. Мој совет е ако отидеш во длабокото, нема враќање назад…
„Почитуван, Венко Филипче, сигурен сте дека се лаги и клевети ова што го зборував? Ај, преиспитајте се уште еднаш. Дали сте сигурен? И сигурен сте дека не се плашите? Добро, добро. Во ред. Во ред. Човечки е, јас да сум го правел тоа што сте го правеле дека ќе бидам загрижен. Но, во ред, вие сте изгледа храбар човек, јас не сум толку храбар човек, по затоа можеби не се плашите. Добро знаете во себе дека се што кажав е вистина, а таа ќе излезе, порано или подоцна“, рече Мицкоски.
Репликата следеше откако Филипче рече дека не се плаши од можни кривични постапки кои би се воделе против него и функционерите од претходната Влада.
Филипче го праша премиерот Мицкоски кој е неговиот план да ја извади државата од ќор-сокакот во која самиот тој ја заглавил, додавајќи дека денес, благодарение на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ЕУ е подалечна од кога било.
Филипче го обвини Мицкоски за политичко лицемерие и дека го враќа ВМРО-МВРО во АНБ, премиерот реплицирал дека власта на СДСМ и ДУИ со дронови го следеле
Филипче покажа и документи од „свиркачи“ за, како што напомена, незаконско назначување на Бојан Христовски за директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Тој праша кој е планот на Владата за евроинтеграцискиот пат на државата, дали ќе биде обелоденет договорот со „Бехтел и Енка“, како и дали ќе биде разрешен директорот на АНБ.
„Вашата Влада се движи во целосно спротивен правец од ветувањата што ги дававте пред изборите. Мицкоски на власт и Мицкоски во опозиција очигледно не се познаваат, тоа се двајца целосно различни луѓе. Буквално го плукнавте секое ветување и секоја политика на која ја градевте кариерата и со која има се додворувавте на граѓаните. Господине Мицкоски, Целиот ваш политички успех се базираше на противењето на Преспанскиот договор – договор за кој тврдевте дека е национално предавство. Вие реално и немате друга политика по која би ве паметеле освен носењето на маичките со големо НЕ за Преспанскиот договор. Но, откако седнавте во премиерската фотелја, истиот договор стана „ремек-дело на дипломатијата“. Го барате како пример за други договори и од неуморен противник, станавте најгласен поддржувач. Оваа дволичност и врвно политичко лицемерие треба да се изучува во книгите за манипулација со граѓаните“, рече Филипче.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на седницата за пратенички прашања, потенцираше дека кога СДСМ и ДУИ биле на власт незаконски ги следеле лично него и ВМРО-ДПМНЕ и тоа со дронови, но им порача дека за сите тие оперативно технички состојби ќе има одговорност и затоа е стравот сега кај истите кои следеле и нарачувале.
„До поранешниот министер за внатрешни работи кој е тука, до него не допираше гласот, но затоа се дигаа дронови над мојата куќа, кога сум одел и на терен во Прилеп и тоа е се во белешките на службите кои треба да разузнаваат и контраразузнаваат. Го разузнавале претседателот на опозицијата со дронови оперативни и оперативно технички средства. Нормално е тоа? И сега се уплашени и од свиркачи добиваат информации, за сето тоа што мора да има одговорност,, изјави премиерот одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот Венко Филипче.
Премиерот Мицкоски потенцираше дека кога ќе дојде редот за одговорност, јавноста ќе дознае, но владата нема да прави од тоа театар како што правеше претходната власт, од систем кој е од витално значење за државата.
Сето тоа ќе биде презентирано на затворена седница и сето тоа да се декласифицира. Вие го следевте лидерот на опозицијата со дронови, сега пишуваат анонимни писма, колку сакаат нека пишуваат нема спас, не им бега одговорност, изјави Мицкоски.
Премиерот Мицкоски што се однесува за сертификатот на директорот на АНБ Бојан Христовски, му порача на Филипче да си го смени тимот кој го брифира, затоа што не 5 години туку 9 има таков.
Има институции кои тоа треба да го проверат, вие сте решиле да правите политика од тоа, легитимно е, мислите дека на тој начин ќе добиете нешто. Не мислам дека добивате, но ако мислите вие терајте, но не добивате. Ќе ви дадам сличен сертификат од личноста која седи до вас. Знаете колку има такви сертификати? Сакате за директорите кои ги назначи СДСМ да ги видите сертификатите? Немојте на тоа да правите политика, има институции во државава кои треба да водат сметка, овие сертификати ќе ги дадам на министерот за внатрешни работи, изјави премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски му порача на лидерот на СДСМ доколку сака да води лидерска политика да не дозволува луѓето околу него да го санкаат и „да го водат во длабоко“ преку лагите и клеветите.
„Вие каде што одите јас одамна сум се вратил, ова ви го кажувам како пријателски совет. Најголем срам и понижување е тоа кога слушам дипломати во Брисел кои што ми велат дека тие, Германци, Французи, Белгијци се бореле за нас отколку нашето водство во државата. Не можам да го опишам срамот кој што јас го чувствувам во тие моменти, затоа што навистина не можам да се изначудам на лековерноста со која што тие наши политичари пристапувале кон решавање на едни вакви проблеми. Вака не се решаваат проблеми“, рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека тоа што денес се работи и во Вашингтон и во Брисел и во Виена претходната власт не можела ниту во сон да го замисли и од таа работа која денес се прави ќе има резултати.
„Планот е еден, а тоа е Европската Унија и се надевам дека еднаш ќе излезете од вашата партиска матрица и ќе му се извините на македонскиот народ и на граѓаните за сè што направивте во овие 7 години, ќе се оградите од криминалните политики кои што ги водевте во овие 7 години, од срамните политики кои што ги водевте во овие 7 години. Сето она кое што му го нанесовте како болка, очекував од вас да ја искористите можноста овде денес пред говорницата и да се извините. Ја пропуштивте. Нема втора можност за прв впечаток, вашиот беше очаен“, му порача Мицкоски на Филипче и повика СДСМ и опозицијата да дадат поддршка во борбата за одбрана на стратешките интереси на Македонија.
Мицкоски до Апасиев: „Халкидики патриоти знам многу, потпишуваш амандмани со Северна Македонија од истата земаш плата“, тој му одговори „се надевам не сте поднапиен“
Пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев на собраниската седница за пратенички прашања, вчера, упати прашање до премиерот Христијан Мицкоски, кој нагласи се надева дека не е поднапиен во овој момент: Како со обична професорска плата стигнавте до саат од 60 илјади евра, којшто чини колку станот во којшто јас живеам? И дали е вистина дека планирате Вашата сестра да ја вработите како доцентка на УГД на Фармацевтскиот факултет? Како успеавте со ваков “вичен и правичен” адвокат до Вас да го изгубите спорот со Левица?
Апасиев го обвини е дека со квази-патриотска, бугарофилска партија го брише името Македонија – без обврска од Преспанскиот договор. „Немате меѓународна обврска да го бришете името од закони за кои не сме отпочнале преговори. Зошто тоа го правите”, праша Апасиев
Премиерот Христијан Мицкоски, претходно одговарајќи на прашањето од Апасиев му порача дека од истата држава со новото уставно име тој зема плата, ја финансира партијата, но и истата Апасиев и неговите сопартијци ја потпишуваат кога поднесуваат амандмани во Собранието.
„Сериозно е дека фактот дека водиме држава, од истата таа држава од која ти земаш плата и добиваш финансирање на твојата партија и од која бараш документи за да ја интабулираш за да земеш кредит и да купиш нов деловен простор во центарот на главниот град за партијата Левица. Во меѓувреме ќе се подновиш со ново возило, ќе уживаш во комфорот“, изјави премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски, како што известуваат владините служби, му посочи на Апасиев дека песничката за Северна Македонија е од 2019 година и да не се расфрла со лаги и измислици, бидејќи со нив нема да стигне далеку, затоа што тие малкумина кои му веруваат при секои избори по една голема група си заминува од Левица и преминува во ВМРО-ДПМНЕ и другите политички партии и така е во неколку општини низ Македонија.
„Мирно да спиеш и да уживаш во парите кои ги добиваш од овој буџет, оваа влада да уживаш во плажите на Егејското море, и можам да ти кажам дека никаде во Преспанскиот договор не е забрането на придавката македонски, ниту на Македонија, тоа е регулирано во членот 7, став 2 и 3 и може конечно да се сложиме дека и ние имаме право на употреба на придавката „македонски“ и тие имаат право. И ние ја користиме Македонија и тие имаат право. Но, има една разлика, овие со кои си во коалиција прифатиле сите државни институции кои имаат државно финансирање да не може да бидат повеќе македонски. И никогаш нема да зборувам работи кои се невистинити или работи со кои ќе манипулирам за да добијам евро повеќе за да ги потрошам на плажите во Егејско море како што ти правиш. Халкидики патриоти знам многу, но тука има луѓе кои се борат и ќе се борат за еден заеднички интерес тоа е интересот нас нашата заедничка татковина и сите граѓани од различни етнички припадности кои си ја сакаат својата татковина Македонија“, потенцираше премиерот Мицкоски.
Апасиев додаде дека народот гледа дека тоа што го кажувате во предизборито го поплукавте за 24 саати откако влеговте во фотеља.
„Вашата фрустрација од тоа што сте татино синче и асистенче, што Ве буткале цел живот – си ја извадивте на говорница. Се надевав дека ќе го задржите нивото, но гледам дека сакате ад хоминем. Нашиот левичарски карактер е да ги презираме преварантите како Вас. Кога веќе сакавте кукавички да си ја извадите вашата фрустрација, се надевам не сте поднапиен во овој момент, сакам дополнително да Ве прашам: Како со обична професорска плата стигнавте до саат од 60 илјади евра, којшто чини колку станот во којшто јас живеам? И дали е вистина дека планирате Вашата сестра да ја вработите како доцентка на УГД на Фармацевтскиот факултет? Како успеавте со ваков “вичен и правичен” адвокат до Вас да го изгубите спорот со Левица? Јас ја разбирам Вашата фрустрација од тоа што не можете како за СДС, да извадите и за нас дека сме имале фирми во Сингапур, ваму, таму… и сега ќе ни кажувате: „Одел Апасиев на одмор во Халкидики”. Да! Оди. Оти е средна класа. Апасиев не живее од хидроцентрали како тебе! Апасиев живее од професорска плата“, истакна Апасиев.
Мицкоски нема да ја разреши министерката Божиновска оти била „поголема Македонка од сите“
Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, потсети на лицемерниот однос на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот кога беше присутна претседателката на Европската комисија Фон Дер Лајен во однос на францускиот предлог, односно таканаречениот бугарски диктат и на променетиот став на власта денеска. Спасовски го праша Мицкоски дали ќе ја разреши министерката Сања Божиновска затоа што ја излажа јавноста за нејзиното бугарско државјанство.
„Меѓутоа прашањето ми е дали при составот на владата, при разговорите што сте ги имале со кандидатите, бевте информирани за една ваква ситуација и можеби начелото: Прво Бугарите во Владата, па после во Уставот ќе вроди со плод и тоа е начинот на којшто ќе дојдете до промена на Уставот, нели новиот план што го претставивте и во изборната кампања и на изборите. Еднаш Божиновска велеше дека нема бугарско државајнство, потоа дека адвокати биле одговорни, за да излезе документ, потпишан од неа дека има бугарска самосвест. Еве го тој документ. Она што сега во јавноста кружи сакам да ве прашам дали ќе се побара одговорност од министерката Сања Божиновска?, рече пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, во прашањето упатено до премиерот Мицкоски.
Мицкоски одговори дека Божиновска е професионалец со исклучително квалитетни позиции во минатото.
-Да биде Сања Божиновска дел од македонската влада е привилегија. Затоа што тоа што го она го има на професионален план во енергетиката направено, вие не можете ниту да го сонувате, а камо ли да се приближите. Нејзината биографија и нејзините постигнувања се нешто за кое што барем можевте да излезете овде и да кажете „секоја чест за стручноста и за личните постигнувања“. Сега се доведуваме во ситуација да е грев ако сме успешни, рече Мицкоски.
Тој напомена дека овие изјави кои се пласираат во јавноста немаат поврзаност со секторот што го води министерката Божиновска.
-И сега се доведуваме во ситуација да зборуваме работи кои што навистина немаат никаква поврзаност, ниту пак јавноста ја интересира, ниту пак има некаква врска со тоа што го води Сања. Јас ќе ви кажам бидејќи ја знам долго време, од 2012 година се знаеме, верувајте ми, за нејзе знаеја светскиот бизнис крем од Украина до Шпанија и од Скандинавија до Атина. Додека, ние имавме политичари во македонската влада кои што имаа проблем со патот до Врање, додаде Мицкоски.
Тој обраќајќи се кон пратеникот Оливер Спасовски, рече дека Сања Божиновска е поголема Македонка и притоа го обвини дека тоа што тој како министер го направил во Министерството за внатрешни работи е „најлошиот дебакл што се случил во државата“.
-Ние наместо да сме горди, среќни што имаме професионалец, човек кој што има исклучително квалитетни позиции во минатото, луѓе конекции кои што можат да бидат додадена вредност, ние сега измислуваме приказни кои што апсолутно немаат никаква врска ниту со енергетиката, ниту со рударството ниту со минералните суровини. Тоа е исто како сега јас да ве напаѓам вас за нешто кое што нема никаква врска со тоа што дававте пасоши на белосветски криминалци. Јас ви гарантирам дека Сања Божиновска е многу поголема Македонка од вас сите заедно. Нема поголема Македонка. Јас ова ви го кажувам и потврдувам, рече Мицкоски.
Оливер Спасовски откако посочи дека е незадоволен од одговорот на премиерот Мицкоски, ја подели декларацијата на Мицкоски и на пратениците, којашто Сања Божиновска ја има потпишано на 21.10.2004 година, а со која изјавува дека има бугарска самосвест.
Герила акција на пратениците на ДУИ, Мицкоски истакна дека има СМС пораки со понуди ДУИ да влезат во Владата
Пратеници на ДУИ со транспаренти излегоа пред премиерот Христијан Мицкоски во знак на протест, дека Владата не е легитимна за Албанците. Според ДУИ, тие немаат претставник во Владата.
„Без етничка припадност, нема охридски договор“„, Да за ЕУ, НЕ за Русија“,„Тргнете ги рацете од албанскиот јазик“ стоеше на транспарентите.
Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање од Блерим Беџети, му посочи дека има СМС пораки со понуди ДУИ да влезат во Владата со уште помалку раководни кадри. Мицкоски понуди да ги покаже пораките, но на ова Беџети не реплицираше.
Собранието вчера ја одржува 18. седница, на чиј дневен ред се пратенички прашања, први на новиот парламентарен состав по конституирањето на 28 мај годинава. Согласно Деловникот, прашања до премиерот и министрите први поставуваат пратениците од опозицијата.
Вообичаено, седниците за пратенички прашања се одржуваат последниот четврток во месецот.
Дехран Муратов