АЛЕКСАНДАР НИКОЛИЌ ПИСАРЕВ
Централната вест на сите светски агенции се тукушто завршените осумчасовни разговори помеѓу официјалните претставници на Русија и САД во Женева по прашањата поврзани со Украина и европската безбедност. Како што опширно пишуваше Цивилмедиа неодамна, според сите проценки, европската безбедност е загрозена со енормното трупање на руските воени сили на границата со Украина, поврзани со барањата на Москва да се сопре ширењето на НАТО во земјите од источна Европа.
Средбата е одржана во седиштето на американската дипломатска мисија во Женева во атмосфера на најзатегнатите односи меѓу супер силите во последните три децении од крајот на Студената војна наваму. До крајот на неделата – во среда следат разговори на релација Русија и НАТО во Брисел, а потоа и состанокот на ОБСЕ во Виена.
Русија го бара невозможното
Ставовите на двете страни не се доближија бидејќи е очигледно дека Русија бара целосно преобликување на европската безбедносна слика. Од друга страна, САД, НАТО и нивните европски сојузници имаат консензус околу пристапот на Русија и дека се што ќе кажат официјалните претставници на САД и НАТО е усогласено со европските сојузници. Нивните проценки се дека главната закана за европската безбедност во последните дваесет години доаѓа од Русија.
Ројтерс оценува дека САД и Русија во Женева не успеале да ги доближат ставовите околу Украина и пошироко околу европската безбедност, бидејќи Москва инсистира на барањата за кои Вашингтон вели дека не може да ги прифати.
Претставникот на руската делегација, заменик министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, само ги повторил барањата на Москва да се запре проширување на НАТО и да се прекинат активностите на Алијансата во земјите од централна и источна Европа кои влегле во Алијансата после 1997 година.
„Подвлекувам дека за нас е апсолутно најважно да бидеме сигурни дека Украина никогаш, ама баш никогаш, нема да стане членка на НАТО. Тоа е прашање на националната безбедност на Русија. Не ѝ веруваме на другата страна и бараме цврсти, железни, правно обврзувачки и несоборливи гаранции за тоа“ – рече Рјабков.
Заменичката на американскиот државен секретар, Венди Шерман, која ја предводеше на разговорите во Женева американската делегација, на ваквото барање одговорила едноставно – дека САД нема никому да дозволат да ја руши политиката на отворени врати за НАТО и да ги затвора вратите на Алијансата за аспирантите.
„Нема да се откажеме од билатералната соработка со суверените држави кои сакаат да соработуваат со САД и нема да донесуваме одлуки за Украина без Украина, за Европа без Европа и за НАТО без НАТО“ – изјави Шерман.
Венди Шерман после разговорите изјави дека руските предлози во кои Москва бара гаранции дека Украина никогаш нема да влезе во НАТО се неприфатливи и дека Москва не може со трескање да ги затвори широко отворените врати на Северноатлантската алијанса пред ниедна земја. Слободна Европа на англиски јазик, разговорите во Женева ги опиша повеќе како „сериозни и деловни“, а не како конкретни преговори.
Русија не е задоволна од разговорите во Женева. „За жал постои голем диспаритет во нашите принципиелни барања и дијаметрално спротивни ставови што треба да се направи“ – изјави Сергеј Рјабков. Тој ги оцени разговорите како комплексни и професионални, но дека за успех е потребен поголем исчекор и компромиси. Тој изјавил дека на состанокот „не е постигнат никаков напредок“ во поглед на барањата на Москва на Украина да не ѝ се дозволи придружување во НАТО алијансата. И инсистирал – идниот напредок во преговорите со американските дипломати да биде диктиран по ова прашање.
Русија се заканува со ракети
Москва и понатаму негира дека планира било каква инвазија на Украина, но предупредува дека, доколку нејзините барања после оваа серија на разговори не бидат прифатени, ќе биде принудена да преземе одредени „воено – технички мерки“. Москва сè уште не прецизирала што ова точно значи, но навестува дека би можела да изврши прераспоредување на хиперсоничните ракетите од среден домет на границите со Европа со кои може да погоди со голема прецизност цели на оддалеченост од 1.000 километри и дека тоа би бил нејзин одговор, доколку НАТО инсталира свои ракети во Украина. Поради тоа, Русија очекува Америка да биде спремна на компромис.
На разговорите во Брисел се очекува Европска Унија да биде активен дел од овие преговори и дијалогот САД – Русија. Од 2014 година наваму, ЕУ ѝ додели помош на Украина во висина од 17 милијарди евра. Мора да биде вклучена во преговорите меѓу САД и Русија околу решавање на украинската криза, бидејќи тоа е и европска криза, а од безбедноста на Украина зависи и безбедноста на Европа.
Нацрт документите од серијата разговори кои ќе траат до крајот на неделата сè уште не се комплетирани и познати за пошироката јавност, но се наслутува дека во нив постојат цврсти ставови со кои Русија никогаш нема да се согласи, а тоа е дека ни Европа, ни САД, ни било која членка на НАТО нема да дозволат Русија да одлучува за другите земји дали ќе пристапат кон НАТО или кон било кој други сојуз. Тоа се суверените одлуки на тие земји и на самите сојузи. НАТО има отворени врати и ни Русија, ни било која друга земја не може да ги затвори.