Тензична атмосфера пред ТЦ Мавровка кај Бит Пазар, каде што полицијата ја блокираше поворката од демонстранти на протестот за пресудите во случајот „Монструм“.
Додека говореше Бедри Ајдари и бараше од полицијата да им го ослободи патот, неколку лица од учесниците во протестот се приближија до првата линија од полицијата. Но по повикот на Ајдари, редарите на протестот поставија кордон меѓу демонстрантите и полицијата и спречија поголем инцидент.
Еден од организаторите, роднина на еден од осудените, Бедри Хајдари, ја повика полицијата да го ослободи патот на демонстрантите.
„Ве замолуваме да ни го ослободите патот, бидејќи знаеме дека имате банална информација дека во градот има делегации од други држави“ – рече Хајдари пред полицискиот кордон. Но кога дел од демонстрантите тргнаа кон полицискиот кордон, тој побара од нив да се повлечат.
Претходно, извори од МВР јавуваат дека поворката на протестите за случајот „Монструм“ е запрена кај ТЦ Мавровка од безбедносни причини.
„Поради безбедносни причини, одлучено е масата да биде запрена на таа точка. Доколку претставници на демонстрантите сакаат да се упатат и да пренесат порака до Собранието или Владата, можат слободно да го сторат тоа, но масата од безбедносни причини е запрена на оваа точка“ – изјавија од МВР за ЦИВИЛ МЕДИА.
Ситуацијата останува тензична, дел од демонстрантите фрлаат камења и предмети кон полицискиот кордон, но до 14:35 часот нема посериозни инциденти.