Британската премиерка Тереза Меј во петокот најави дека ќе се повлече од функцијата на 7 јуни, по повиците од нејзината владејачка Конзервативна партија да направи пат за избор на нов лидер кој ќе оствари напредок во плановите за Брегзит.
„Сега ми е јасно дека е во најдобар интерес на нашата земја нов премиер да ги води тие напори. Затоа денеска соопштувам дека ќе понесам оставка како лидер на Конзервативната партија во петок на 7 јуни“, изјави британската премиерка Тереза Меј.
Таа порача дека нејзиниот наследник мора да постигне компромис во Парламентот за усвојување на планот за Брегзит. Меј истакна и дека ќе остане на функцијата се додека не биде избран нов лидер на нејзината партија.
Неколку политичари се доведуваа во врска со оваа позиција, а засега најголем фаворит е поранешноот шеф на дипоматијата во Велика Британија – Борис Џонсон.
Последен кандидат кој се прудружи во саботата во трката за наследник на Меј, е министерот за здравство Мет Хенкок.
Пред него таквата амбиција ја изразија поранешниот министер за надворешни работи Борис Џонсон, актуелниот шеф на дипломатијата Џереми Хант, секретарот за меѓународен развој Рори Стјуарт и поранешната министерка за труд и пензиски систем, Естер Меквеј.
Се проценува дека во трката за водство на земјата ќе се вклучат десетина кандидати. Министерот за трговија Лиам Фокс и поранешниот заменик министер за брегзит Стив Бејкер во саботата не ја отфрлија идејата дека и тие ќе се кандидираат.