Тимјаник се смени, деца од селото идат на родендени во Малиот групен дом, кај четирите дечиња со комбинирана попреченост, кон кои локални жители своевремено даваа отпор поради неинформираност, но подоцна ги прифатија како свои деца, велат одговорните.
Се работи за две подвижни и две неподвижни дечиња. Три од нив дојдоа од Специјалниот завод Демир Капија и едно од бања Бањско.
Душица Вулиќ Димова, координатор на трите мали групни домови во општина Неготино, рече дека стручни лица работат со децата, а се почитуваат и нивните желби, се остваруваат контакти со блиски на дечињата.
Владимир Лазовски, консултант за деинституционализација при Министерството за труд и социјална политика, беше дециден дека поскапо чини живеењето надвор од институција, но условите се подобри. Континуирано се зголемуваат средствата за денституционализација.
Тој посочи дека за развој на социјални услуги на локално ниво, за што општините нудат идеи, како грижа за стари лица или со попреченост, за самохрани родители и други социјални услуги, Светска банка во наредниов период дава кредит преку Министерството, во висина од 10,08 милиони евра. Станува збор за своевидна децентрализација. Сето тоа ќе донесе и нови вработувања.