Американскиот претседател Доналд Трамп денеска повторно ги нападна четирите демократски конгресменки кои ја критикуваа неговата политика, повикувајќи ги да им се извинат на САД и Израел, јавува МИА.
„Не верувам дека четирите конгресменки се способни да ја сакаат нашата земја. Треба да им се извинат на САД и Израел за ужасните работи кои ги кажаа, полни со омраза“, напиша Трамп на Твитер, а пренесоа британските медиуми.
Американскиот претседател предизвика бурни реакции кога минатиот викенд на Твитер напиша дека четири конгресменки, од кои три се родени во САД, треба да „се вратат во уништените и со криминал опустошени места од кои дошле“.
Американскиот Конгрес остро ја осуди изјавата на Трамп за демократските конгресменки како „расистички коментар што го озакони и зголеми стравот и омразата кон новите Американци и припадниците на другите раси“.