Доналд Трамп му нареди на Израел „веднаш“ да престане со бомбардирањето на Газа, поздравувајќи го делумното прифаќање од страна на Хамас на неговиот ултиматум за прекин на речиси двегодишната војна, објави Гардијан.
Хамас се согласи да ги ослободи сите заложници во замена за палестинските затвореници што се држат во израелските затвори, како и да ја предаде власта во Појасот Газа, во согласност со планот на Трамп.
Во соопштението од петокот вечерта, палестинската милитантна група побара понатамошни преговори за другите делови од планот и не кажа дали ќе го положи оружјето – клучен дел од предлогот на Трамп, објавен во понеделник.
И покрај квалификуваниот одговор од Хамас, Трамп во објава на Truth Social изјави: „Врз основа на изјавата што штотуку ја издаде Хамас, верувам дека се подготвени за траен МИР.
„Израел мора веднаш да го запре бомбардирањето на Газа, за да можеме безбедно и брзо да ги извлечеме заложниците! Во моментов е премногу опасно да се направи тоа.
„Веќе сме во разговори за деталите што треба да се разработат. Не станува збор само за Газа, туку за долгоочекуваниот МИР на Блискиот Исток.“
Во кратка видео порака објавена одделно, Трамп рече дека ова е „многу посебен ден“ и додаде дека „Со сите ќе се постапува праведно“.
Во невообичаената наредба од Трамп истакна дека Израел и Хамас се најблиску што биле во последните две години до постигнување крај на војната во Газа, пишува Гардијан.
По одговорот на Хамас, канцеларијата на израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, издаде соопштение цитирано од локалните медиуми во кое се вели дека Израел се подготвува за „итна имплементација“ на првата фаза од планот за итно ослободување на сите заложници.
„Ќе продолжиме да работиме во целосна соработка со претседателот и неговиот тим за да ја завршиме војната во согласност со принципите утврдени од Израел, кои одговараат на визијата на Трамп за завршување на војната“, се вели во соопштението, без да се спомене барањето на Трамп Израел да престане со бомбардирањето на Газа.
Д. Т.