Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Русија и Украина „се многу блиску до договор“, неколку часа откако неговиот претставник Стив Виткоф и рускиот претседател Владимир Путин одржаа разговори во Москва, објави Би-би-си.
Трамп рече дека тоа бил „добар ден“ од преговорите, додека Кремљ ги опиша разговорите – на кои Украина не беше присутна – како „конструктивни“.
Порано, Трамп на социјалните мрежи изјави дека „повеќето од главните точки се договорени“ и ги повика Русија и Украина да се сретнат „на многу високо ниво“ и „да го завршат [договорот]“.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето видео обраќање доцна во петокот изјави дека „е потребен вистински притисок врз Русија“ за да прифати безусловно примирје.
Порано истиот ден, Зеленски изјави за Би-Би-Си дека територијалните прашања меѓу Кијив и Москва би можеле да се дискутираат доколку се договори „целосно и безусловно примирје“.
Извештаите сугерираат дека од Украина би се очекувало да се откаже од големи делови од земјата анектирана од Русија според мировниот предлог на САД.
Трамп – кој разговараше со новинарите по пристигнувањето во Рим за погребот на папата Франциск во сабота – рече дека ќе ја поддржи Русија да го задржи Кримскиот полуостров, кој беше нелегално анектиран од Москва во 2014 година. Зеленски ја отфрла оваа идеја.
Русија започна целосна инвазија на Украина во 2022 година, а Москва моментално контролира речиси 20% од украинската територија.
Д. Мишев