Транспаренси Интернешнл во Босна и Херцеговина (ТИ БиХ) вчера побара од Централната изборна комисија (ЦИК) на Босна и Херцеговина да истражи сомневања за изборна измама на предвремените избори за претседател на Република Српска, објави РСЕ.
ТИ БиХ тврди дека податоците од бројни избирачки места го доведуваат во прашање интегритетот на целиот изборен процес, бидејќи „има околу 40 избирачки места чии резултати предизвикуваат посебен сомнеж, правејќи вкупна разлика од повеќе од 8.500 гласови“.
Тоа, нагласуваат тие, е доволно за да влијае на конечниот исход од изборите.
На предвремените избори за претседател на РС, одржани на 23 ноември, откако на Милорад Додик му беше одземен мандатот поради конечна пресуда, кандидатот на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) на Додик, министерот за високо образование на ентитетот Синиша Каран, победи со разлика од околу два проценти во споредба со кандидатот на опозицијата Бранко Блануша.
Вкупната разлика во гласовите е нешто над 8.000 во корист на Каран.
Д. Т.












