Пишува: Петрит САРАЧИНИ
Трендололо и Офкукулеленет се претвориле во типична алатка на црната пропаганда која си има и свое име во соодветната терминологија – „убиство на ликови“ (“Character assasination”).
Денес на тапет е Влатко Стефановски – поради учество на манифестацијата во Крушево и спомнување (пази каков грев) на Северна Македонија. Некој ден пред тоа, беше „спружена“ проф. Најчевска. Пред тоа, Ненад Јовановиќ беше наречен „суштество“, со чудење зошто го канат на „Само вистина“. Пред него, беше исплукана новинарката Ида Протуѓер.
Речиси секој ден – прво со содржината, а потоа и во коментарите на верната бот војска, се расчеречува некој човек, само поради поинакви политички убедувања – од оние на шеретов и неговиот портал. Никој не чини освен него. Најумниот тој.
Да не заборавиме, тема за плукање на овој познат „шегобиец“ неодамна беше и ЦИВИЛ, но претставката за неговите плуканици, Советот за етика СЕММ ја отфрли, давајќи му за право на Трендололо и неговиот Офкукулеленет да продолжат да го „негуваат“ препознатливиот им „стил“.