Во украинската историја постојат многу познати личности чија мудрост вреди да се собере. Еден од таквите генијалци е филозофот Григориј Савич Сковорода, кој бил неколку века пред своето време. Тој е роден на денешен ден пред 300 години, објави Амбасадата на Украина во Република Северна Македонија.
Сковорода патувал низ Украина и Европа, запознавајќи го светот и луѓето. Светогледните ставови на мислителот се отелотворени во неговите најпознати филозофски концепти – за „три-сончевото единство“, „сродната работа“ и „филозофијата на мудрото срце“.
На 300-от јубилеј на украинскиот пророк и духовен наставник, споделуваме факти за неговиот живот и дело:
• Сковорода е вечен студент.
Дипломирал на Кијиво-Могилјанската академија. Слушал предавања на универзитетите во Будимпешта, Виена, Братислава и Хале. Совршено ги владеел полскиот, германскиот, италијанскиот, францускиот, грчкиот и латинскиот јазик.
• Сковорода е таткото на украинската басна.
Содржините на неговите басни се заситени со украински колорит и ја прогласуваат народната мудрост. Големиот филозоф високо го ценел жанрот басна, верувајќи дека таа содржи зрно вистина во својата „смешна школка“.
• Сковорода е музичар.
Совршено свирел на виолина, оргули, флејта, бандура и харфа, сам ги пишувал стиховите на песните и ги изведувал, придружувајќи се со некој инструмент. Пеел во црковниот хор, а додека студирал на Кијиво-Могилјанската академија, свирел во академскиот оркестар.
• Сковорода е патувачки филозоф
Патувал низ Западна Европа во потрага по ново знаење. Тој ги посетил Унгарија, Словачка, Италија, Австрија, Германија и Чешка. Додека патувал низ Украина, Григориј Сковорода ги учел децата на писменост и музика, а на возрасните им ги пеел своите филозофски песни.
• Сковорода е педагог.
Главниот педагошки принцип на Сковорода е развојот на природните способности на една личност. Предавал грчки јазик, поетика и катехизам, пишува на фејсбук-профилот на украинската амбасада во Скопје.