Влатко Тркаљанов на панелот Рампа“ по повод 3 декември – Меѓународен ден на лицата со посебни потреби во организација на ЦИВИЛ, зборуваше за важноста на вработувањето на лицата со попреченост во јавната администрација, приватниот сектор и сите сегменти во општеството, бидејќи така полесно ќе се разберат нивните потреби и ќе можеме да ги видиме и нивните афинитети.
„Со моето вработување во МТПС јас особено допринесов во креирањето на политиките за помош на лицата со попреченост и во конкретните решенија и правилници за персоналната асистенција која е во функција. Во моментов имаме над 70 персонални асистенти кои функционираат и работат, некои со еден некои со повеќе од еден корисници на оваа услуга и особено е важно лице со попреченост кое има специфични потреби. Секое лице со попреченост има специфични потреби во припремањето за на работа, факултет, за спортски активности. Во сето тоа персоналниот асистент може да помогне, да биде дел или придружба од тие активности и мислам дека доволно добро ја разработивме самата програма и правилниците кои се однесуваат на тоа во кои делови треба да помагаат персоналните асистенти, на кој да му се даде самостојност на лицето и правото на избор кое е многу важно за едно лице со попреченост да чувствува сигурност и независност од фамилијата и пријателите, поддршката да биде позадинска а не да доаѓа во преден план во фокус асистентот“, вели Тркаљанов.
Тој додава дека одделението за социјална заштита работи на изготвување на извештај на пристапноста во општините во јавната администрација, но дека често наидуваат на проблем.
„Јас повеќе пати укажував и до повисоки претставници на институциите дека многу често се носат лажни извештаи од лица кои не си ја вршат соодветно работата и ние мораме да ставиме акцент на тоа дека не е само да се доаѓа на работа, работата треба да се врши професионално и да не се носат лажни извештаи за да не добиваме лажна слика за пристапноста во институциите“, вели Тркаљанов.
Тркаљанов вели дека лицата со попреченост може да дадат придонес во сегментите каде тие лично се засегнати.
„Јас се занимавам со екстремни спортови и не секогаш попреченоста е пречката која ги оневозможува лицата со попреченост да спортуваат, немањето услови се главната пречка. Мора да имаме услови за се тоа да стане достапно, не само за лицата со типичен развој и без попреченост, туку мораме да создадеме услови за сите“, вели тој.
Тој додава дека обезбедувањето на соодветни услови во општеството значи и активна партиципација на граѓаните со попреченост.
„Колку повеќе услови имаме во општеството толку повеќе ќе имаме и активни граѓани и тие нема да бидат гледани како паразити, дека ги користат само буџетските средства“, додава Тркаљанов.
Тркаљанов нагласи дека пристапна рампа во еден објект не значи пристапност, бидејќи можеби некоја институција да има рампа на влезот, меѓутоа пристапност треба да има и внатре во објектот. Тој се осврна на еден настан по повод 3 Декември, каде што на некој начин бил навреден, бидејќи според него организаторите не се консултираа со некое лице со посебни потреби, како да се организира настанот.
„Попреченоста е состојба, не е перцепција, јас не ја кријам мојата попреченост. Бев на еден настан кој се одржуваше по повод правата на лицата со попреченост, меѓутоа коктелот беше организиран во подземјето на барот каде што немаше пристап за мене и јас не можев да одам на коктелот. Поканата беше повеќе навредлива отколку добродојдена“, истакна тој.
Ангела Петровска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети
Фотографија: Горан Наумовски