Во рамки на засилените активности на полицијата поради пожарите во скопскиот регион, на 9 јули во 23:40 часот полициски службеници од ЕВР Гази Баба на подрачјето кај месноста Ајватовски рид, кај Илинден, извршиле преглед на три малолетни странски државјани. Во нивниот ранец биле пронајдени две шишиња бензин (по 1,5 литар), две петарди, запалка и течен лепак. Малолетниците веднаш биле приведени.
Со нив е извршен службен разговор во присуство на тим од Центарот за социјални работи и адвокат, по што биле предадени на надлежната институција со потврда за предавање.
Настанот доаѓа во период на голема активност на МВР поврзана со серија пожари кои вчера зафатија речиси сите скопски општини, со исклучок на Центар и Арачиново. Повеќе од 170 униформирани и 80 припадници на криминалистичката полиција биле директно вклучени во гаснење и локализирање на 28 пожари на различни локации.
Најмногу пожари се пријавени на подрачјето на Ѓорче Петров, вклучувајќи и запалени куќи и помошни објекти, додека на други локации горела сува трева, отпад, жито и нискостеблеста шума.
Истрагите продолжуваат, а МВР најави ригорозни санкции за сите кои се вмешани во предизвикување пожари, вклучително и потенцијално малолетници.