Три лица се осомничени и приведени за физички напад со остар предмет врз Х.И.(39) од село Форино, Гостиварско, јавен обвинител во ОЈО Гостивар, што се случил утрово, по претходна расправија околу недоразбирање во сообраќајот.
Како што информираат од МВР, утрово во 06.10 часот, полициски службеници од Полициското одделение Чегране ги лишиле од слобода Н.С.(40), неговиот малолетен син, двајцата од с.Чегране, гостиварско и Б.Ф.(41) од с.Церово, Тетовско, поради постоење основи на сомнение дека околу 05.30 часот во с.Чегране, по претходна расправија околу недоразбирање во сообраќајот, физички го нападнале и со остар предмет го повредиле Х.И.
„Х.И. бил пренесен во Општата болница „Ферид Мурат“ за укажување на лекарска помош. Тројцата со кривична пријава во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка на Основен суд Гостивар“, соопшти МВР.
Претходно, од Јавното обвинителство во изјава за МИА потврдија дека нападнатото лице е јавен обвинител од Oсновното јавно обвинителство – Гостивар
„Обид за убиство на јавен обвинител од Oсновното јавно обвинителство – Гостивар извршен е изутринава во 5:30 часот во село Чегране, Гостиварско. Јавниот обвинител бил нападнат со нож при што му е зададена убодна рана во грбот. Јавниот обвинител е надвор од животна опасност и е под медицинска нега на скопските клиники. Се преземаат дејствија за расчистување на настанот“, соопштија од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. / МИА