„Гледам тука лица кои со години се борат и се бореа заедно со мене и без мене за намалување на нееднаквоста во оваа наша држава, се бореа за подобри социјални права за нашите граѓани, се бореа против сиромаштијата. Не само што се боревме, денеска имаме моќ да направиме чекори, суштински да нашата држава стане поправедна, поеднаква, да има помалку сиромашни граѓани“, изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во своето обраќање на јавната расправа за предложениот Закон за социјална заштита која се одржа денеска во Собранието.
Царовска истакна дека ако се декларираме како социјална држава, така и треба да се однесуваме.
„Бевме сведоци дека сите политики кои се креираа во минатото беа токму да ја зголемат нееднаквоста, да трансферираат финансиски средства на побогатите, наспороти посиромашните и затоа денеска имаме бројка од 400.000 наши сограѓани коишто живеат во сиромаштија, а право на детски додаток имаат не повеќе од 3.000 деца“, продолжи Царовска.
Иако Владат ги изгласа социјалните реформи, сепак законот чекаше на собраниска процедура од минатата година, со оглед дека неговата примена требше да започне на 1 јануари оваа година.
„Со тоа што реформата не е се уште донесена, повеќе од 30.000 домаќинства не ја добиваат достоинствената парична помош или минимален адекватен приход, повеќе од 60.000 деца не ги земаат детскиот и образовниот додаток, 1000 вработени и повеќе од 4.000 вработени во градинките во центрите за социјална работа не ги добиваат своите достоинствени плати“, дополни Царовска.
На расправата покрај Мила Царовска и пратениците, имаше претставници од граѓанските организации и експерти. Со социјалната реформа се воведува и социјална пензија за да им се овозможи достоинствен живот за оние кои го граделе нашето општество, а немаат извор на приход од кој можат да се издржуваат.
„Ајде сите денеска да кажеме дека е потребен поквалитетен живот за сиромашните граѓани и ајде сите заедно, независно од партиските оклопи да кажеме ЗА социјална правда во нашата држава“, заврши Царовска.
Б. Ј.