Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска соопшти дека на состанокот со директорите на средните училишта заклучиле дека државната матура е право на избор и дека секој ученик што сака да го продолжи своето образование мора да ја полага според утврдениот законски ред.
„Учениците во месец декември го остварија своето право и ги пријавија матурските испити согласно Концепцијата за полагање матура. Учениците избраа предмети кои директно ги подготвуваат за областите и факултетите кои ќе бидат нивен понатамошен професионален развој. Во истата Концепција, постои и избор за учениците за полагање училишна матура или завршен испит. Овие избори предвидуваат само два предмети ( еден задолжителен и еден изборен) и проектна задача“, напиша Царовска.
Царовска додаде дека апелираат до средношколците и матурантите, кои ја бојкотираат наставата, да продолжат со следење на наставата.
„Нема причини за промена на матурата затоа што над 14 илијади матуранти, приближно колку што има во државата, уредно ги имаат пријавено матурските испити кои ќе се одржат според концепцијата утврдена уште на почетокот на оваа учебна година. Бојкотот е неоправдан, а секој изгубен час според Закон треба да се надомести. Подготовките за матурата се во тек, од страна на МОН беа прифатени сите забелешки за олеснување во делот на испитните матурски програми по сите предмети. ДИЦ ги вклучи сите сугестии и креираше испитни прашања на базично ниво, земајќи ги предвид сите околности. Во тек е формирање на работна група за промена на концепцијата за матура која ќе биде применлива од идната година, а во нејзината подготовка се претствници од Сојузот на средношколци и други ученици“, соопшти Царовска.
Од Сојузот на средношколци реагираат и велат дека во декември матурантите не биле сигурни дали воопшто ќе се одржи матурата, бидејќи и тогаш имало матуранти кои барале да се откаже.
„Да, државната матура е „право на избор и тоа право е неприкосновено“. Државната матура ја полагаат ученици кои сакаат да го „продолж[ат] своето образование“. Сепак, аргументот дека учениците во месеџ декември го оствариле своето право врз основа на личен избор не е баш најдобар. Во декември, матурантите не беа сигурни дали воопшто ќе се одржи матурата (имаше матуранти кои бараа нејзино откажување). Токму затоа сите матуранти ги пријавија испитите, не сакајќи да се коцкаат со сопствената образовна иднина“, велат од сојузот.
Од Сојузот на средношколци велат дека се не се залагаат за откажување на матурата.
„Тука нагласуваме дека Сојузот на средношколци не се залага за откажување на матурата. Сојузот не ги подржа средношколците кои тоа го бараа и инсистираше дека државна матура мора да има. Имајќи го ова на ум, јасно е дека бојкотот на наставата не е за откажување на матурата, тука за нејзино изменување за оваа учебна година. Токму затоа Сојузот не се согласува дека „бојкотот е неоправдан“. Предложените измени се целосно разумни. Тие ја зачувуваат сериозноста на образовниот процес, а истовремено и интересот на учениците со оглед на (не)квалитетот на наставата од далечина“, додаваат средношколците.
Од Сојузот велат дека претставници на Сојузот биле поканети и прифатиле учество во работна група за концепцијата за матура, но дека таа концепција би се применувала од идната учебна година.
„Преставници на Сојузот беа поканети и прифатија учество во работна група за концепцијата за матура, но оваа концепција би се применувала од идната учебна година. Секоја комуникација на Сојузот со институциите има една цел – градење на подобар образовен процес. Сојузот повторно апелира до институциите да ги прифатат барањата“, вели Сојузот на средношколци.