Министерката за образование и наука Мила Царовска во гостување на ТВ Клан изјави дека второто полугодие ќе продолжи да се спроведува со комбинираниот модел.
„Во првото полугодие најголем предизвик беше како наставниците ќе се снајдат со онлајн наставата. Но овој предизвик е надминат и второто полугодие го продолжуваме по веќе воспоставениот хибриден модел: онлајн, со физичко присуство и со следење на часови преку телевизија“, изјави Царовска.
Министерката истакна дека првото полугодие завршило успешно, дека над 90% ученици успешно следеле онлајн настава, а имало помалку од 1 % активни случаи со ковид-19 на наставници и ученици од оние кои биле со физичко присуство.
Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија соопшти дека заедно со матурантите ќе ја бојкотира наставата од второто полугодие која започнува во четврток, 21 јануари, се додека нивните барања не бидат прифатени од образовните институции.
Тие бараат на државната матура да има испити по два предмети, по примерот на Франција, со што задолжителен прв предмет да биде мајчин јазик (македонски, албански, турски итн.). Додека пак, вториот предмет да биде по избор на ученикот во завиност од своите планови и интереси за понатамошно образование.
„Исто така, од МОН и од Државниот испитен центар во март бараме да објават и да презентираат план и програма за тоа како ќе изгледаат скратените наставни програми и другите материјаи за испитите“ велат од Сојузот, од каде што додаваат дека барањата биле предложени до образовните институции за време на состанокот со МОН на 9 декември минатата година.