ЦИВИЛ како организација за човекови права и слободи во чија работа веќе 23 години се вградени заложбите за социјална правда и недискриминација, ја изразува поддршката за барањата за повисоки плати на работничките и работниците во сите сектори.
Оттаму, ЦИВИЛ принципиелно се залага за повисоки плати за вработените и во образованието. Но не врз грбот на децата, односно ученичките и учениците во основните и средните училишта! Тие имаат фундаментално право на образование.
ЦИВИЛ упатува јавно барање до сите инволвирани страни во штрајкот на училиштата и градинките на прво место да ги стават интересите и добробитта на децата, а не сопствените, а уште помалку партиските интереси.
Децата не се должни да ги трпат последиците од лошите состојби во образованието и барањата за повисоки плати. Децата и нивните семејства не се должни да ги трпат импровизациите што се најавуваат за надополнување на изгубените часови. Ваквиот однос кон децата мора да престане!
ЦИВИЛ ги повикува политичките партии да ги деблокираат легислативните процеси во парламентот. Политичарите мора да работат во полза на јавниот интерес. Политичките партии, наместо да се конфронтираат и да го блокираат Собранието, имаат обврска да овозможат донесување законска регулатива со која ќе се подобрат условите за децата и за наставниот кадар и ќе се надмине долгогодишната криза во образованието.