Неколку водечки европски организации и иницијативи издадоа заедничка изјава со повик за итна акција за одбрана на медиумските слободи и спротивставување на дезинформациите во Европа. ЦИВИЛ е една од шесте организации потписнички на Изјавата, со наслов „На раскрсница: Одбраната на медиумските слободи започнува во Источна Европа“.
Организациите предупредуваат на растечките закани од популистички движења, руската хибридна војна и нерегулираните дигитални платформи.
Изјавата беше презентирана на 3 септември за време на снимањето на специјален подкаст и е заеднички поддржана од: Медија дијалог, Германска унија на новинари, Нов европски форум на народите, Глобална иницијатива за одбрана на демократијата, Вестминстерска алијанса за Украина и ЦИВИЛ – Центар за слобода.
На панелот учествуваше и Првиот секретар на Националното здружение на новинарите на Украина (NUJU), со витални информации од земјата која е во самиот центар на руската агресија.
Клучни предизвици
Слободата на медиумите под притисок: Популистичките сили низ Европа го поткопуваат новинарството со ограничување на правата, зголемен притисок врз новинарите и ускратување на поддршка за независните медиуми во дигиталната ера.
Руска хибридна војна: Без силно и независно новинарство, граѓанките и граѓаните остануваат ранливи на дезинформации и пропагандни кампањи, особено од Русија и други авторитарни актери.
Алармантни трендови во Источна Европа: Изјавата ги потенцира претстојните избори во Чешка во октомври, предупредувајќи на состојбите со Унгарија и Словачка, каде популистичките влади веќе ја ограничуваат медиумската слобода и граѓанските права.
Повик за акција
Потписниците ги повикуваат европските влади, парламенти, Европскиот парламент и Европската комисија да:
- одолеат на популистичкиот притисок и заплашувања;
- ги зајакнат медиумските слободи низ Европа;
- ја надградат ЕМФА и анти-SLAPP регулативата со долгорочна поддршка за независното новинарство;
- преземат конкретни чекори за воспоставување функционален европски медиумски пазар со платформи и дигитален суверенитет.
Визија за европските медиуми
Изјавата нагласува дека одбраната на медиумската слобода сама по себе не е доволна. Европа мора да создаде независна дигитална инфраструктура – пребарувачи, социјални мрежи и алатки – независни од влијанието на технолошките гиганти од САД, Комунистичката партија на Кина и од Кремљ.
ЦИВИЛ – Центар за слобода
На раскрсница: Одбраната на медиумските слободи започнува во Источна Европа