Што се однесува до измените во Изборниот законик, ЦИВИЛ беше многу активно вклучен во Работната група за изборни измени што ја формира Министерството за правда. Документот со измените беше завршен во ноември 2023 година, но тие сè уште не се изгласани во парламентот.
Според препораките на ОДИХР и релевантните домашни организации во земјата, измени во Изборниот законик може да се прават најдоцна шест месеци пред одржување на изборите. Работната група го испочитува рокот. Политичките партии го пробија рокот, истакна Џабир Дерала ,претседателот на ЦИВИЛ на прес конференцијата за изборниот мониторинг.
Дерала ги изнесе ставовите на организацијата во однос на предизборните дејствија на политичките партии, и ги повика на конструктивна комуникација, исчистена од дезинформации и говор на омраза.
- ЦИВИЛ ги повикува политичките партии веднаш да престанат со креирање и дистрибуција на дезинформации и говор на омраза и да се посветат на конструктивна комуникација во јавноста и аргументирана дебата со своите политички опоненти.
- ЦИВИЛ ги повикува политичките партии, но и родителите, да не дозволуваат употреба на децата за политичка кампања.
- Родово базираниот говор на омраза особено е забележлив во изминатиот период. Тоа мора да престане.
- ЦИВИЛ повикува на воздржаност од уништување на пропагандниот материјал и напади на изборните штабови на партиите и кандидатите.
- За насилството и оружјето во изборните процеси во една демократска земја не смее да стане збор. Тоа мора да исчезне од изборниот процес, повика Дерала
Д. Т.