Започна панел дискусијата на тема „Како сѐ може да се (зло)употреби пописот?“. Учесници на панел дискусијата се Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика, Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје и Дехран Муратов, новинар и координатор во ЦИВИЛ. Модератор на панелот е Зоран Иванов.
Државниот завод за статистика инсистира оваа операција да биде статистичка и никаква поинаку. Цврсто сме решени да истраеме до крај, оваа операција да биде само статистичка, а користа од неа да ја имаат сите граѓани, рече директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски на панел дискусијата на ЦИВИЛ „Како се може да се (зло)употреби пописот“.
„Се друго ќе биде само штета-да немаме попис, како што немаме 20 години. Најголем дел од граѓаните не ги ни знаат последиците. Пописот е неопходен за многу институции. Локалната самоуправа, основи за какво било квалитетно функционирање на локалната самоуправа, но и сите други институции. Без попис трпи образованието, трпи здравството, трпи науката… неопходни се овие податоци, се друго би биле погрешни информации“, рече Симовски.
„Многу врева се дигна околу категориите „резиденти“ и „нерезиденти“. Тоа се методолошки елементи, и не треба да стојат во закон. Во законот интервенираат пратениците со амандмани, и може да се случи одредени меѓународни елементи со интервенција на пратениците да се изменат. Затоа не ги ставивме во закон“, додава Симовски.
Тој тврди дека методологијата и категориите за пописот се „во согласност до милиметар со меѓународните стандарди“.
„Во методологијата многу прецизно е кажано кои лица во која категорија влегуваат. Во единиците на опфат ги вклучивме и нашите граѓани кои штио се повеќе од една година во странство, се лицитира последниве години на различни бројки за тоа колкава е нашата емиграција, ние не ги знаеме точните бројки“, објаснува Симовски.
„Ако сме барем малку одговорни, ние во локалната самоуправа немаме право да стравуваме од обврските за пописот, бидејќи тие податоци се основа за креирање политики на локално ниво“, вели градоначалникот на Скопје Петре Шилегов. Тој нагласува дека податоците од пописот се неопходни за планирање на добра инфраструктура, за одржлив сообраќај, број на домаќинства, проценка каде е потребно да се вложува во инфраструктура…
Шилегов објасни дека локалната самоуправа ќе даде административна поддршка на пописот, односно ќе му биде помош на Државниот завод за статистика.
„Колку побрзо го завршиме тоа, толку подобро. Не случајно овој период се одбира, се смета дека е најповолен период. Тоа е стандард секаде во светот. Обидите за политикантство, апели за некакви бојнкоти не се ништо друго туку опбид за деструкција на процесите кои мораме даги направиме како држава, смета Шилегов, кој апелира граѓаните масовно да се одзват на пописот. Гранап да имате фамилијарен, па еднаш годишно правите попис“, вели Шилегов.
„Јас не сум бројка. Не треба моите права да ми ги дадат врз основа на бројки“, вели Дехран Муратов, новинар и координатор во ЦИВИЛ, кој зборува за значењето на пописот за „помалубројните етнички заедници“.
„Колку се помалубројни? Дваесет години немаме попис. Не знаеме колку жители има во државата. Помалубројните заедници се тие кои што најмногу мигрираат. Убеден сум дека ќе биде поголема бројката на иселени отколку на тие кои што живеат во земјата“, вели Муратов.
Тој нагласи дека етничката припадност е предмет на манипулација од низа аспекти.
„Имавме примери каде што Албанци се попишуваат како Македонци, Македонци како Роми, за да се стекнат со некакви права. Треба секој да се попише како што се чувствува. Ако некој се чувствува како Ром, нека се попише како Ром. Ако се чувствува како Египќанин, нека се попише како Египќанин“, вели Муратов.