ЦИВИЛ со длабока загриженост и човечка одговорност, остро го осудува бруталното насилство и масовните злосторства што се случуваат врз цивилното население во Газа. ЦИВИЛ бара итен прекин на израелските напади врз цивилите – жените, децата, старите лица. Хуманитарната катастрофа достигнува апокалиптични размери, додека над два милиони луѓе се соочуваат со глад, болести и егзодус. ЦИВИЛ исто така ги осудува израелските неселективни бомбардирања, особено пукањето кон цивилите кои чекаат хуманитарна помош (храна), како и уништувањето на цели населби – тоа не е борба против тероризмот, туку воено злосторство и геноцид.
Злосторството во Газа продолжува пред очите на светот. Газа умира. Блокадата мора веднаш да запре. Мора да се отворат хуманитарни коридори, да се обезбедат храна, лекови, вода и струја за милиони осудени на живот во пекол.
ЦИВИЛ повторно повикува:
-
Итно примирје!
-
Хуманитарен пристап!
-
Меѓународна интервенција!
-
Почитување на човековите права и меѓународното хуманитарно право!
Масакрот мора да престане. Гласот за живот и правда мора да биде погласен од бомбите. Газа не смее да остане симбол на човечката рамнодушност. Газа не е бројка – таа е човечноста на испит.
ЦИВИЛ ги повикува меѓународните институции, Обединетите нации, организациите за човекови права, новинарите, уметниците и сите слободољубиви луѓе низ светот – да не молчат. Молкот е соучесништво. Потребна е итна и недвосмислена интервенција за запирање на агресијата, воспоставување траен прекин на огнот и обезбедување правда за жртвите.
ЦИВИЛ