Центарот за управување со кризи (ЦУК) утрово соопшти дека во текот на вчерашниот ден низ државава се регистрирани вкупно 37 пожари на отворен простор, 21 е изгаснат, 10 од нив се активни, а шест се под контрола.
Активен е пожарот во општина Македонски Брод, каде гори борова шума. Во општина Пехчево, на територија на село Негрево, гори мешана шума. Во општина Новаци гори ниска вегетација. Нискостеблеста вегетација е опожарена во општина Ресен, на Галичица, се шири во правец на врвот „Магаро“ кон Стење, од охридска страна. Борова и букова шума горат во општина Кичево, меѓу селата Патеец и Козичино. Вториот пожар во општина Кичево е меѓу селата Челопеци и Бигор Доленци, а третиот кај Зајас и Горно Строгомиште – и во двата гори мешана шума. Последниот во оваа општина, сѐ уште активен, е кај село Туин, каде гори дабова шума. Во општина Пласница гори нискостеблеста вегетација. Дабова шума е опожарена во општина Кочани, на територија на село Пресека.
Според соопштението, од пожарите кои под контрола, едниот е кај ТЕЦ „Неготино“, опожарена е сува трева. Вториот е на територија на општините Демир Хисар и Охрид, каде опожарена е ниска вегетација. Третиот е во општина Чашка, опожарена е мешана шума. Две депонии биле запалени, на територија на општините Делчево и Липково. Последниот пожар под контрола е на градската депонија во општина Кочани, горело ѓубре, сува трева и нискостеблести растенија.
М. Д.