Турција не ја признава привремената окупација на полуостровот Крим од страна на Русија, целосно го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи по повод годишнината од нелегалниот референдум што Русија го одржа на Крим, пренесува Укринформ.
„Украинската автономна република Крим беше анектирана од Руската Федерација по нелегитимниот референдум одржан на 16 март 2014 година. Турција и меѓународната заедница не го признаваат овој чин што е јасно кршење на меѓународното право“, се вели во соопштението.
Турското Министерство за надворешни работи истакнува дека земјата ќе продолжи внимателно да ги следи настаните на Крим, особено ситуацијата на кримските Татари, кои се меѓу главните конституенти во регионот.
„Во оваа прилика (годишнината од привремената окупација на Крим од страна на Русија), ја потврдуваме нашата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, стратешки партнер на Турција“, се заклучува во соопштението.
Како што претходно објави Укринформ, на 16 март, руските агресори го приведоа во привремено окупираниот Крим активистот за правата на кримските татари, Абдурешит Џепаров.
На 16 март 2014 година, лажниот „референдум“ за статусот на Крим беше одржан во Крим и градот Севастопол, привремено окупиран од Русија, спротивно на украинското законодавство и она на Автономната Република Крим, под закана со оружје од страна на Руската војска и локалните „милиции“ под надзор на Русија.
Според агресорската сила, 96,77% од жителите на Крим наводно го поддржале присоединувањето на полуостровот кон Русија, додека во Севастопол процентот е 95,6%.
Два дена подоцна, на 18 март 2014 година, Кремљ го потпиша таканаречениот „Договор за пристапување на Република Крим во Руската Федерација“. Повеќето земји-членки на ОН и други меѓународни организации го прогласија за „нелегитимен“ наместениот кримски „референдум“ што го организираа окупаторите.
Подготвил Д.М.