На заедничката прес конференција на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и претседателот на европската комисија, Жан Клод Јункер, двајцата го изразија своето разочарување околу недонесувањето на одлука за датум за старт на преговорите со Северна Македонија и Албанија.
„Немањето одлука за датум за старт на преговорите со Северна Македонија и Албанија не е вина на двете земји. Двете земји имаат парво да ги почнат преговорите со ЕУ денес. Тие се подготвени. За жал, дел од земјите членки се уште не се подготвени. И затоа не успеавме да постигнеме согласност. Јас, лично, ова не го сметам за неуспех, туку за грешка. Двете земји го положија испитот. Не можам тоа да го кажам и за земјите членки. Сакам да испратам порака: Ве молам не се откажувајте! Не се сомневам дека еден ден ќе станете полноправни членки на ЕУ“, изјави пред малку претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
И претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, рече дека немањето консензус за доделување на датум за старт на преговорите е огромна историска грешка. Јункер истакна дека ако ЕУ сака да биде почитувана, мора да ги исполнува своите ветувања.
М. Ивановска