Работниците на „Југохром“, денеска од 11 до 13 часот, по трет пат го блокираа автопатот Тетово – Скопје, со барање да продолжи со работа фабриката во Јегуновце.
Бајрам Амити, претседател на Синдикатот на „Југохром“, во изјавата за ЦИВИЛ Медиа вели дека нивните барања се Владата да овозможи фабриката да ги вклучи печките и менаџерскиот тим да заврши со изградба на системот за отпрашување.
„Во моментов, судбината на вработените е во рацете на Владата, ние ги исцрпивме сите сретства и можности да се задржат вработените. Од вчера, покрај тоа што немаат приходи, останаа без здравствено и пензиско осигурување“, вели Амити.
Што се однесува до поставувањето филтри, Амити вели дека нивните барања се паралелно работење на фабриката и поставување на систем за отпрашување, за да може фабриката да остварува приходи.
За утре во 14 часот е закажана повторна средба со пратеникот/премиер во заминување Емил Димитриев, за која Амити се надева дека ќе заврши со позитивен исход.
М. И.