Управата за јавни приходи (УЈП) соопшти дека мобилната апликација „МојДДВ“ моментално се соочува со технички проблеми и работи со прекини. Од институцијата уверуваат дека нивниот тим интензивно работи на отстранување на пречките, со цел апликацијата што поскоро да стане целосно функционална.
Од УЈП ги информираат граѓаните дека, според член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање.
„Тоа значи дека сите сметки што се во рамки на овој законски рок ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција“, стои во соопштението.
Управата апелира до сите корисници на „МојДДВ“ за трпеливост и разбирање, уверувајќи дека тимот е целосно ангажиран за надминување на техничките пречки.