Украина и Северна Македонија на истата „европска страница“: Продолжување и продлабочување на соработката во евроинтеграциите, забрзување на следниот пакет воено-техничка помош за Украина
На 18 јануари, заменикот министер за надворешни работи на Украина, Евген Перебијнис, оствари средба со министерот за европски прашања на Република Северна Македонија, Орхан Муртезани. Двете страни разговараа за клучните насоки на билатералната соработка, заедничките евроинтегративни приоритети и ја потврдија својата посветеност на политиката за проширување на Европската унија, објави ЦивилМедиа.
Украина и Северна Македонија се договорија да ја зајакнат соработката меѓу земјите-кандидати за членство во ЕУ за забрзување на интеграциските процеси.
„Благодарни сме на Северна Македонија за нејзиното целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, особено во однос на агресивната војна на Русија против Украина,“ истакна Евген Перебијнис.
Заменикот министер изрази благодарност за одбранбената поддршка што Северна Македонија ја обезбедува на Украина од 2022 година.
За време на средбата беше нагласена важноста од забрзување на доставувањето на следниот пакет воено-техничка помош. Страните ја истакнаа клучната улога на НАТО во обезбедувањето долгорочна безбедност во регионот и спречувањето на понатамошна агресија од страна на Русија.
Украинската страна ги повика колегите од Северна Македонија да го засилат залагањето меѓу сојузниците на НАТО за поканување на Украина во Алијансата.
И амбасадорката на Украина, Лариса Дир, на социјалните мрежи го истакна значењето на оваа средба.
Ден 1060. „Благодарни сме на🇲🇰за усогласување со CFSP,особено во однос на агресивната војна на РФ против 🇺🇦“ истакна @YPerebyinis@MFA_Ukraine за време на средбата со @OMurtezani во Киjив
🇺🇦се надева дека🇲🇰ќе го засили залагањето меѓу сојузниците на НАТО за поканување на🇺🇦во НАТО pic.twitter.com/WPXrabbhaY
Амбасадорката Дир ја искористи можноста да се заблагодари за поддршката што Северна Македонија ѝ ја пружа на Украина од првите денови на руската воена агресија.
Средба на министрите за надворешни работи на Југоисточна Европа во Кијив, 17 јануари 2025
Ова доаѓа еден ден по одржувањето на Средбата на министрите за надворешни работи на Југоисточна Европа во Кијив, чиј домаќин беше министерот за надворешни работи Андриј Сибига, по што беше усвоено и заедничко Коминике.