Кијив не е одговорен за вчерашните експлозии во руската воздухопловна база на Крим, изјави Михаил Подољак, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленскиј, сугерирајќи дека можеби станува збор за диверзантски акции на партизански единици, пренесува МИА.
На новинарско прашање дали Украина ја презема одговорноста за експлозиите на Крим, Подољак одговори:
„Се разбира дека не“. Што имаме ние со тоа?“
Едно лице загина, а осум се повредени во инцидент на аеродромот на Крим, соопшти вчера локалното Министерство за здравство.
Руското Министерство за одбрана претходно објави дека експлодирала авионска муниција на аеродромот Саки на Крим, но дека немало никаков напад и дека ниту еден авион не е оштетен.
– На 9 август околу 15 часот и 20 минути на територијата на аеродромот Саки во близина на населбата Новофјодоровка експлодирале повеќе парчиња авијациска муниција. Во експлозиите нема повредени, се наведува во соопштението на руското Министерство за одбрана.
Сè уште не е утврдена причината за експлозиите.
Соопштението уследи откако на социјалните мрежи беше објавено дека во близина на селото Новофедоривка одекнале неколку експлозии. Според очевидците се слушнале најмалку 12 експлозии со различен интензитет.