Украински суд ја забрани проруската партија „Опозициска платформа – За живот“, водена од Виктор Медведчук, близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин. Информацијата ја соопшти украинското Министерство за правда, објави МИА.
Судот во западниот град Лавов одлучи да ги префрли на државата имотот, средствата и други работи што ѝ припаѓаат на партијата предводена од Медведчук, богат бизнисмен обвинет за предавство, пишуваат британски медиуми.
Министерството дејствуваше според закон усвоен од Парламентот минатиот месец. Со законот, се овозможува да му се обрати на судот и да бара забрана за партии, чии активности се сметаат за закана кон Украина.
Украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана препорача дефиницијата да се примени за партијата на Медведчук, втора по големина во Парламентот.
Медиуми пишуваат дека нејзините пратеници преферирале блиски врски со Москва, наместо интеграции со Европа.
Медведчук може да добие затворска казна до 15 години, доколку биде осуден за предавство и кршење закони и обичаи на војната.