пишува: КОСТА СТОИМЕНОВСКИ
Чесите се познати шегаџии (Добриот војник Швејк), но, имаат и многу мудри изреки. Една од нив гласи: „Секој раководител можеш да го уапсиш и не мора да му објаснуваш зошто го апсиш, тој самиот си знае зошто го апсат!“
По завршувањето на средното економско училиште во Кочани, една година работев како учител во делчевски Костин Дол (село со вакво име има и во кочанска општина). Претседателот на општинската организација на СКМ ме наговори да се зачленам во Сојузот на комунистите и да бидам на чело на месната организација на СКМ. Меѓутоа, за зачленување во СКМ требаше да положам тест за чесност. За Делчево одев пешки преку с. Драмче (околу 20 км.), бидејќи во тоа време немаше автобуси. Служителот во школото ми рече дека „во с. Драмче е најден паричник, некои луѓе виделе како си минувал низ ова село и мислат дека паричникот е твој.“ Му реков дека не сум загубил никаков паричник и дека најдениот паричник не е мој, но, тој упорно ме убедуваше дека паричникот е сепак мој! По ваквото „тестирање“ бев примен за член на СКМ! А, сега некои луѓе почесто ги менуваат партиите отколу чорапите!
Во времето кога студирав, на скопскиот Економски факултет професор беше и Вјекослав Мајснер, кој не само што држеше маестрални предавања за техниката на надворешната трговија и девизниот систем, туку на студентите им кажуваше и многу поучни работи, меѓу кои и следниот дијалог:
– Како да ја чуваме оваа работа?
– Па, ќе поставиме стражар!
– А, кој ќе го чува стражарот?“
Психолози, невролози, психијатри и слични медицински стручњаци тврдат дека моќта предизвикува мозочни оштетувања кои го нарушуваат мозочниот процес, растројство на личноста, психопатија, патолошки егоизам, налудничави мегаломански идеи, оперираност од срам, отсуство на морални вредности кај лица со скромен интелектуален и образовен потенцијал и сл..
Наведените уводни елементи имаат допирни точки со аферата „Рекет“ и со „феноменот“ Катица Јанева (К.Ј.). Кога беше промовирана за шефица на СЈО, К.Ј. оставаше впечаток на скромна, несигурна и подисплашена личност. Поради задачата што ја доби за расчистување со криминалот и корупцијата и за воспоставување на владеење на правото и правдата во државата, К. Ј. имаше силна подршка од политиката, од јавноста и од медиумите. Јавноста ја сожалуваше поради опструкциите што ѝ ги правеше Советот на јавни обвинители околу екипирањето на СЈО. Во почетокот, луѓето имаа голема доверба во СЈО и безрезервно ја подржуваа неговата работа, а анкетите покажуваа дека ова обвинителство има највисок рејтинг во државата! Со текот на времето шефицата на СЈО настапуваше сѐ посамоуверено, па дури и препотентно. Поради поддршката што ја имаше во општеството таа се занесуваше дека е најважна личност во државата и дека може да прави што си сака, а при тоа никому да не одговара за своите постапки! Поради поддршката што ја имаше од моќни политичари, таа кон нив се однесуваше крајно сервилно и беспоговорно ги исполнуваше нивните желби!
Во повеќе написи изразив сомнежи за постоење на договор „под маса“ на македонските политички елити за немање на реваншизам: „Не те дирам, не ме дирај!“ Ваков договор беше постигнат при промената на власта во 1998 година, кој, согласно некои индикации, сѐ уште се почитува! За бегството на поранешниот премиер се шират разни верзии, но, индикативно е тоа што никој не е повикан на одговорност!
Поминаа три години од формирањето на СЈО, а ефектите од неговата работа се минорни! Со судска завршница решен е само најбенигниот предмет под кодно име ТЕНК, кој се однесува на купувањето на скапиот Мерцедес за кој јавноста карикира: „Па, еве го, тука е Мерцедесот, кој Е. Димитриев, кога ја вршеше функцијата технички премиер, секојдневно го користеше за превоз од Скопје до Пробиштип и обратно. Ова возило сега се користи за превоз на странски високи политичари кои доаѓаат во посета на нашата земја!
Меѓутоа, сите случаи што можат да се квалификуваат како сериозни кривични дела се водеа „килаво“ и крајно неефикасно! Беа сослушани неколку стотини граѓани за нелегално финансирање на изборната кампања на поранешната владејачка партија и беа посочени конкретни личности кои учествувале во оваа афера, меѓутоа, овој предмет е далеку од завршница! Во работата на СЈО се вклучени голем број стручњаци, а ефектите од нивната работа се минимални! Шефицата на СЈО, останатите обвинител(к)и и бројните експерти во ова обвинителство, кои имаат несразмерно високи плати, мислат дека ваквите плати можат да ги добиваат бесконечно, сѐ додека не ги решат предметите, кои произлегоа од „бомбите“ што беа објавени од лидерот на поранешната опозициска партија, З. Заев!
На основа на некои индикации може да се стекне впечаток дека шефицата на СЈО има нагласени материјалистички и хедонистички склоности, што може да се слушне од нелегално снимените разговори во кои таа на криминалците им ветува дека нема да бидат осудени на затворски казни, разбирливо, доколку си ја откупат слободата со високи „награди“! Истиот модел се практикува и за останатите привилегии на криминалците, како на пример, враќање на пасошите, замена на затворскиот притвор со домашен притвор и слично.
Да се вратиме на почетните напомени. Шефицата на СЈО е притворена. Несомнено, таа знае зошто е притворена, а претстојниот судски процес треба да го расветли случајот. Иако К. Ј. беше поставена за „чувар“ на правната држава и за владеење на правото и правдата во РМ, таа со „шурувањето“ со криминалците, не само што не ја изврши задачата што ја доби за воведување на ред во државата, туку, согласно мислењата на еминентни правни експерти, работи на ликвидацијата на СЈО со цел да ги заштити криминалците и да ги легализира криминалот и корупцијата во државата! Објавените фотографии на кои К.Ј. е во друштво на осомничените во аферата „Рекет“, Боки 13 и бизнисменот Ј.К. се доволен доказ за сомнеж за постоењето на лукративни договори меѓу К.Ј. и спомнатите личности!? Со ваквото свое однесување, Специјалната јавна обвинителка К.Ј. ѝ нанесе тежок удар на правната држава и предизвика големо незадоволство во македонското општество!
Наместо да биде чувар на правото и правдата, таа стана заштитник на криминалот и корупцијата во државата! Можеби проблем беше тоа што немаше кој да го контролира „стражарот!“ Обвинител(к)ите од СЈО се огласија и почнаа да се оградуваат од нивната шефица и да изнесуваат критики на нејзината работа дури откако таа беше притворена! Пред околу 17 години во полските медиуми беше објавена фотографија на која се гледа како јавен обвинител и осомничен бизнисмен вечераат во луксузен варшавски хотел. Ваквиот случај предивика скандал во Полска и наиде на жестоки реакции во полското општество!
Во повеќе наврати апелирав луѓето кои рефлектираат на високи политички функции во државата, како и оние кои треба да бидат на чело на разни институции кои располагаат со големи буџетски пари да бидат приморани да поминат сериозни „тестирања“ од страна на компетентни стручњаци, кои би требало да утврдат дали претендентите на високи и одговорни функции во државата имаат морални особини за извршување на овие функции, дали имаат клептомански склоности и/ли слични пороци. Нелогично е кандидатите за возачки испит да бидат обврзани да поминат сериозни тестови кај разни специјалисти, а ваму луѓето кои претендираат да ја водат државата и/ли да располагаат со огромни буџетски пари немаат обврска да бидат подложни на какво било тестирање!? За ефикасно сузбивање на криминалот и корупцијата, на политичарите кои се осудени за криминал и за корупција, со судска одлука треба да им се забрани, во одреден временски рок или доживотно, да се занимаваат со политика!
Охрид, 23 август 2019 година
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.