Високиот комесаријат на ОН за бегалци Филипо Гранди poбара веднаш да се стави крај на војната во Украина, која расели повеќе од 10 милиони луѓе, и да се зголеми помошта за украинските бегалци, пренесува Укринформ.
Посетувајќи ја Украина за прв пат по руската воена офанзива, Високиот комесаријат на ОН за бегалци, исто така, ја повика меѓународната заедница да обезбеди постојана поддршка за милионите цивили погодени од борбите, вклучително и четвртина од населението кое мораше да ги напушти своите домови.
„Брзината на раселувањето, заедно со огромниот број на погодени луѓе, е без преседан во Европа во последно време“, рече Гранди.
Тој истакна дека цивилите страдаат и повеќе од 10,5 милиони луѓе се раселени или во Украина или во странство како бегалци. Се проценува дека вкупно 13 милиони луѓе имаат итна потреба од хуманитарна помош низ целата земја.
„Разговарав со жени, со деца, кои беа сериозно погодени од оваа војна. Принудени да бегаат од извонредно ниво на насилство, тие ги оставија зад себе своите домови и честопати своите семејства, оставајќи ги шокирани и трауматизирани. Заштитата и хуманитарните потреби се огромни и продолжуваат да растат. И иако е критично итна, хуманитарната помош сама по себе не може да им го даде она што навистина им треба – а тоа е мир“, додаде тој.
По средбите со претставници на украинската влада, Гранди рече дека е длабоко импресиониран од хуманитарното раководство и одговорот од сите нивоа на власт во земјата, како и од несебичноста и издржливоста на украинскиот народ кој е домаќин на милиони свои раселени сонародници.
Гранди ја повтори посветеноста на УНХЦР да остане и да испорачува за народот на Украина: во соседните земји и внатре во нивната земја. УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, работи во Украина веќе 28 години и го фокусира својот одговор на заштита, засолниште за итни случаи, парична помош и поддршка во натура, под целокупното раководство на владата и во координација со целиот систем на Обединетите нации. .
Програмата на УНХЦР, која се спроведува во повеќе региони, има за цел да опфати 360.000 луѓе со поддршка во вредност од 80 милиони американски долари во првите три месеци како дополнување на сопствената програма за социјална помош на Владата.
За да одговорат на потребните размери, рече Гранди, хуманитарците мора да бидат способни безбедно да доставуваат помош до Украинците на кои им е потребна, каде и да се.
„Целиот хуманитарен систем прави се што може за да допре до луѓето на кои им е потребна низ целата земја, но безбедноста на хуманитарните работници и цивилите кои добиваат помош мора да се гарантира. Ова е фундаментален принцип на Меѓународното хуманитарно право што мора да се почитува. Животите зависат од тоа“, рече тој.
Гранди, исто така, апелираше до меѓународната заедница да обезбеди уште поголеми ресурси за хуманитарниот одговор. „Досегашната поддршка и солидарност од донаторите, соседните земји и приватни лица од целиот свет е извонредна. Но, потребите овде во Украина растат и меѓународната заедница мора да продолжи да стои со Украинците кои имаат потреба“, рече тој.
На 30 март, високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди го посети регионот Лавов. Тој разговараше со раселените лица, сместени во едно од здравствените одморалишта во регионот и вети дека ќе продолжи да дава помош.
Д.Мишев