Во универзитетските мензи во Берлин, почнувајќи од следниот семестар, ќе се нудат претежно вегански и вегетаријански оброци, цел да го намали испуштањето на штетни гасови во околината од страна на универзитетите во главниот град на Германија, објави Факултети.мк.
Околу 68 отсто од оброците ќе бидат вегански, 28 отсто ќе бидат вегетаријански, а само 4 отсто ќе бидат со месо или риба во мензите, почнувајќи од октомври. Во понеделник нема да се нуди никаков оброк со месо, а традиционалните колбаси ќе бидат заменети со салати, пренесува Би-Би-Си. Според анкета од 2019 г., 14 отсто од студентите во Берлин се вегани, а 33 отсто се вегетаријанци.
Научниците велат дека штетните гасови што се создаваат од месната индустрија ги влошуваат климатските промени. Според Организацијата на Обединетите нации за храна и земјоделство, одгледувањето домашни животни за храна е одговорно за 14,5 отсто од емисиите на штетни гасови во светот.