Остануваат уште неполни осум дена за јавен увид во Избирачкиот список. Државната изборна комисија во последниот преглед на Избирачкиот список, заклучно со 31 август, објави дека вкупно 11.367 граѓанки и граѓани со право на глас извршиле проверка во Општинските избирачки комисии.
Според податоците на ДИК на 7 гласачи им е поништено живеалиштето, 9 гласачи поднеле за промена на податоци во Избирачкиот список, за 6 гласачи донесено е решение за бришење, а за осум е донесена одлука за запишување во Избирачкиот список.
На предвремените парламентарни избори во 2016 година право на глас имаа вкупно 1.784.416 според финалниот извештај на ДИК . На денот на гласањето, на 11 декември 2016 година, своето гласачко право го
оствариле вкупно 1.153.962 граѓанки и граѓани.
ЦИВИЛ – Центар за слобода ги повика граѓанките и граѓаните да соработуваат со ДИК и со другите релевантни институции во процесот на ревизија на Избирачкиот список, со оглед на претходно изборно искуство, помошта од гласачкото тело се покажа како неопходна во процесот на прочистување на Избирачкиот список.
ЦИВИЛ ги повика граѓанките и граѓаните да пријавуваат нерегуларности во организацијата на тел: 02 / 520 91 76 или 071 / 608 523, а на располагање е и веб-страницата Слободни избори за пријава на изборни нерегуларности или преку порака на истоимената Фејсбук страница.
Во одбројување на деновите до денот на избори 15 октомври, иако ажурноста на ДИК е за поздравување, сепак, од ЦИВИЛ велат дека „алармот“ е вклучен и будно се набљудува веќе започнатиот избирачки процес, како и општата политичка состојба во земјата.
Биљана Јордановска