пишува ПЕРО НАУМОВСКИ
Пред една година во ова време завршуваше уште една турболентна година на политичката сцена во Македонија, како што впрочем беа и изминатите неколку пред нив, но Македонија стана членка на НАТО и со право и сосема заслужено очекуваше да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ како вовед во 2020 година како година која по најавите на владата и на премиерот требаше да биде посветена на економските политики кои ќе овозможат забрзан економски раст.
Тогаш како гром од ведро небо дојде блокадата на Франција за проширувањето на ЕУ и барањето за нова методологија и нов пристап кон аспирантите за полноправно членство. Премиерот Зоран Заев, со право, разочаран од изневерените ветувања на ЕУ реагираше емотивно и побара предвремени избори и проверка на довербата . Иако бараше брзи избори поради противењето на опозицијата се согласи тие да бидат одржани во почеток на 2020 година.
И така работите по македонската економија во оваа година тргнаа на лошо а драстично се влошија со појавата на пандемијата, која секако дека не можеше да се предвиди, а предизвика покрај здравствената и политичка криза со нефункционирање на парламентот и неопходноста од одложување на изборите а како капак на тешката економска состојба дојде и ликвидацијата на Еуростандард банка од страна на НБРМ.
Ете, со такви неповолни екстерни удари, епидемиолошки шокови, внатрешни политички предизвици диктирани пред се од неконструктивноста и опструкциите на опозицијата во справување со здравствената и економска криза предводена од ВМРО ДПМНЕ се соочи македонската економија во оваа година.
И покрај овие тешки услови сепак македонската економија покажа акомодитивен карактер и жилавост во справување со големите економски предизвици. Сочувана е макроекономската стабилност која, во услови на најголема светска економска криза по големата депресија и негативните економски движења во окружувањето и во еврозоната како наши најголеми трговски партнери е остварена благодарение на релаксираната монетарна политика на НБРМ , одржување на фиксниот курс на денарот во однос на еврото, задоволителното ниво на девизни резерви, ниската инфлација , стабилноста на банкарскиот систем и покрај пропаѓањето на ЕСБ , зголемувањето на дефицитот на тековната сметка од вообичаените 2% на 3,7% и намалувањето на БДП кој се очекува годинава да биде со негативен раст и да изнесува помеѓу – 4,5% и – 4,9%.
Економските политики кои владата ги спроведуваше во овие сложени услови на намалена економска активност предизвикана од пандемијата беа насочени кон одржување на системот на здравствена заштита и намалување на негативните ефекти од рецесијата преку неколку пакет мерки кои беа со цел да опфатат што поголем дел од општеството а пред се да се сочуваат што поголем број на работни места , да помогнат на погодените сектори во економијата и да го заштитат социјално загрозеното население и домаќинствата. Мерките често беа критикувани од опозицијата дека се во функција на предизборен поткуп на гласачите и не се доволно селективни но, меѓународните финансиски институции им дадоа целосен легитимитет како успешни и неопходни за справување со кризата. Такви и слични мерки, во зависност од можностите, впрочем беа спроведени скоро во сите земји погодени од оваа криза.
Меѓутоа цената на овие мерки беше многу висока. Потребните средства за оваа намена беа обезбедени со задолжување на државата на странските финансиски пазари а дел и од домашни извори. Пад на економијата која се очекува кај нас да изнесува 4,5% е меѓу најдобрите во регионот заедно со Србија и во однос на другите земји во регионот и во однос на еврозоната каде се очекува да изнесува 8%. Во земјите во регионот а и во еврозоната посебно беа погодени земјите кај кои учеството на туризмот во БДП е значително. Подобрите резултати остварени во однос на окружувањето не се резултат на поуспешните економски политики ,туку на вбризгување на свеж капитал од задолжувањето во личната потрошувачка како и зголемената јавна потрошувачка, но и од структурата на БДП која е многу понеповолна во однос на развиените економии. Така и покрај по неповолните економски движења во еврозоната, благодарение на богатите резервни фондови, развиените земји можат успешно да се справат со кризата. Македонија за жал нема такви резервни фондови па решавањето на кризата мораше да го финансира преку задолжување. Планираниот буџетски дефицит беше 2,3 % од БДП а најверојатно годината ќе ја завршиме со дефицит од 8,5% од БДП. А тоа во пари изнесува 900 милиони евра или 22% од буџетот или поедноставено повеќе од два месеци во текот на годината ќе живееме на кредит. Трендот е крајно неповолен. Јавниот долг достигна 60% од БДП а уште полоша е неговата структура каде надворешниот јавен долг е 40% од БДП а домашниот јавен долг е 20% од БДП.
Како понатаму?
Како да се водат економските политики во наредните години кои ќе овозможат да се направи пресврт во економијата и ќе овозможат одржлив развој и забрзан раст на БДП ,намалување на задолженоста на државата, отворање на нови работни места , намалување на социјалните разлики и подобрување на животниот стандард на населението.
Оваа година беше кризна, имавме пандемија, имавме избори, следната година пандемијата ќе продолжи и пак ќе имаме избори, а некоја друга криза може пак да се појави. Економските политики не треба да се менуваат од година во година и да се прилагодуваат на актуелните дневни политики и лечејќи ги последиците со финансиски опортунизам. Мора да почнеме да спроведуваме здрави и конзистентни економски политики кои долгорочно ќе обезбедат континуиран одржлив раст и развој. Кои се тие политики?
Основен постулат на водење здрава економска политика е создавање на новосоздадена вредност, доход. Само новосоздадена вредност гарантира сигурен развој, овозможува враќање на долговите и избегнување на должничко ропство како и обезбедување резерви за справување со кризни состојби. Економските политики треба да стимулираат создавање претпоставки за ефикасно и рационално користење на природните и општествените ресурси.
Њујоршката берза објави дека водата почна да се тргува на берзата исто како нафтата, златото или пченицата. Како се однесуваме ние кон водата како природен ресурс од непроценлива вредност за нашиот живот. Чистата изворска планинска вода за пиење повредна и од нафтата и од златото ние ја користиме за производство на струја од мини хидроцентралите со незначителни ефекти врз енергетскиот систем и големо нарушување на еко системот. Тие политики мора веднаш да престанат. Во областа на аграрот како голем природен ресурс исто така не водиме здрави економски политики. И сегашнава криза покажа дека земјоделското производство, сточарството и производството на храна се од стратешко значење . Многу пари се потрошија за разни субвенции кои не дадоа резултат. Сеуште повеќе увезуваме храна отколку што извезуваме. Мора да го смениме веднаш досегашниот концепт на субвенционирање на можности со концепт на субвенционирање на ефекти. Тоа ќе резултира со поголемо искористување на земјоделските површини, подобрување на структурата на земјоделските култури , намалување на некои традиционални култури како тутунот со подоходовни и побарани на пазарот како што е на пример марихуаната за медицински цели, органско производство на храна, развој на сточарството, прехранбената индустрија предводена од конзервната и кондиторската индустрија. Посебно, мора да се поттикнува извозот на стоки и услуги како стратешка цел на државата за избалансирана трговска размена со странство. Да се форсираат и да се стимулираат сите економски активности кои создаваат повисока додадена вредност како што е ИКТ секторот.
Капиталните инвестиции мора да бидат постојано во фокусот на економските политики. Капитални инвестиции кои ќе овозможат создавање на нова вредност. Магистралните автопатишта и железницата кон Бугарија кои се во тек максимално да интензивираат, гасификацијата да продолжи со несмалено темпо, што побрзо да почне со реализација на хидроенергетскиот систем Чебрен, да продолжат инвестициите во обновливи извори на енергија, и што побрзо да се почне со изградба на новиот Клинички центар. Како позитивен пример дека секоја криза нуди и нови можности ќе ни послужи подвигот од соседна Србија каде успеаја за само 4 месеци со сопствени сили да изградат и да стават во функција голема болница во близина на Белград која ќе ги лечи болните од корона вирусот а по завршување на пандемијата ќе биде дел од државниот клинички центар. Да се започне со реализација на туристичкиот проект за развиј на Шар планина како природен и општествен ресурс од приоритетен државен интерес. Инвестициите во заштита на животната средина се неопходни и општествено оправдани.
Во финансирањето на овие проекти максимално да се вклучат домашните банки и инвеститори. Државата и во наредните години ќе мора да се задолжува но тоа задолжување да се користи единствено за враќање на стари доспеани долгови при што ќе се води сметка за подобрување на структурата на јавниот долг во корист на домашното задолжување а за сметка на надворешното. Буџетскиот дефицит кој ќе биде неопходен и во наредните години да биде во апсолутен износ помал од очекуваниот пораст на БДП исто така во апсолутен износ и да се финансира исклучиво од домашни извори.
Како да се постигнат овие амбициозни цели ?
Резервите се наоѓаат во подобрување на неповолната структура на БДП и кај приходната и кај расходната страна на буџетот.
Ако се анализира структурата на БДП по доходовен метод ќе се забележи намалување на платите на вработените од 65% во 2012 год. на 48% во 2017 год. за разлика од профитите на капиталот кој од 35% во 2012 год. пораснале на 52% во 2017 год. што претставува крајно неповолна тенденција и предизвикува зголемување на социјалната нееднаквост. Богатите стануваат побогати а сиромашните уште посиромашни.
Во приходите на буџетот мора повеќе да партиципираат побогатите. Тоа може да се обезбеди преку даночната политика со воведување на екстра данок за остварени екстра профити како резултат на монополската или олигополската положба на пазарот. Типичен пример за тоа е банкарскиот сектор кој располага со вкупните заштеди на граѓаните и компаниите, остварува екстра профити а не придонесува доволно во поттикнување на економскиот раст. Ова е прашање на НБРМ , МФ и владата кои мора да преземат конкретни чекори и мерки и да го принудат банкарскиот сектор покрај неговата стабилност која е силно изразена и поволно делува на макроекономската стабилност да биде општествено поодговорен и фокусиран во развојот на економијата во земјава. Кај приходната страна подобрување ќе има со најавената продажба на ЈП кои не се профитабилни како што е ЈП Македонска пошта и ТЕЦ Неготино доколку се реализираат во тек на наредната година. Битката против сивата економија ако се води постојано и упорно може исто така да придонесе за поголеми приходи во буџетот.
Кај расходната страна на буџетот исто така постојат големи резерви. Кај јавните набавки има уште резерви кои може да се остварат со ефикасна битка против корупцијата која уште е многу застапена кај јавните набавки. Кај јавната потрошувачка постојат исто така резерви за непродуктивни и непотребни трошења.
Владата веќе подготвува Стратегија за економско заздравување и забрзан раст во период од 2021-2025, дел од оваа стратегија се и предлог Буџетот за 2021 год. како и Фискалната стратегија и Стратегија за јавниот долг за истиот период. Стратегијата е добро поставена и тоа е полесен дел од работата. Најголемиот предизвик е нејзината успешна реализација. Тоа може да се оствари со доследна примена на предвидените мерки и со изготвување на акциски оперативни годишни, квартални и месечни планови кои доследно ќе се спроведуваат. Од поголемите предизвици за наредната година е отплатата на 500 милиони евра од еврообврзницата издадена во 2014 год. Парите од оваа евро обврзница брзо се потрошија , ефектите изостанаа а времето еве брзо помина.
На крајот, не сум сигурен дека и идната година Македонија ќе започне преговори за членство во ЕУ, но сигурен сум дека ако продолжат досегашните неповолни економски трендови и во наредните години и ако економските проблеми продолжиме да ги решаваме со нови задолжувања не чекаат сигурно преговори со ММФ и Светска банка.