пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Стана малку смешно да се коментира „Инфомакс“ и сличните на овој, очигледно, многу лош пропаганден продукт, за кој и во извештаите на релевантни институции на ЕУ пишува дека е проруски сајт што се служи со теории на заговор и ултранационализам. Едноставно, луѓето во овој „медиум“ и сличните на него, кога и да се фатат за тастатура, излегуваат прилози по кои човек не знае дали да ги жали или да им се смее. Практично секој ден имаат по некоја ноторна глупост, без да покажат ни еден знак дека барем се потрудиле да ја завршат и валканата работа прописно.
Најновиот гаф (како поинаку да се нарече?) на „Инфомакс“ се однесува на користењето службеното возило на директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Стојан Славески, кого во насловот го обвинуваат дека го злоупотребил службеното возило за приватни цели, а се работи за нешто сосема друго, за што пишуваат и самите во текстот под насловот. За што се работи?
Насловот на “големото откритие“ на „Инфомакс“ е: „Директорот на ДБКИ се развозува со службени возила на приватни настани“. Но, големите „истражувачи“ самите откриваат дека се работи за јавен настан и тоа за „Безбедносниот форум на поранешни студенти/алумни на Маршал Центарот“. На настанот е службено присутен Славески, а на отворањето на Форумот говореше и Претседателот Пендаровски, за што информација објави и ЦИВИЛ Медиа.
Неизоставно, во текстот на „Инфомакс“, во познатиот манир, објавена е фотографија на која со црвено е заокружен Славески.
Активистите и граѓанските новинар(к)и на ЦИВИЛ се извонредни во „ловот“ на функционерите што ги злоупотребуваат јавните ресурси, но овие вештини за „професионалните“ новинарски „таленти“ како овие во „Инфомакс“ и сличните, останале недостапни.
Ова е слично како кога Курир објави дека од новото Уверение за државјанство, Заев (!) „го урива македонскиот идентитет“, а во документот кој самите го објавија со големи букви, под местото за име на државјанинот, пишува: ИМА ДРЖАВЈАНСТВО МАКЕДОНСКО.
Курир го негира и најочигледното, со „ексклузивни откритија“ спинуваат и водат црна пропаганда