Европарламентарецот Иво Вајгл, во рамките на денешното претставување на Предлог-Резолуцијата за Македонија во однос на Прогрес-извештајот за 2016 година, како што јавува МИА, за првпат предложи нови иницијативи на ЕУ, што ќе стават крај на долгогодишниот спор за името меѓу Македонија и Грција.
Тој предлага највисоките политички структури и институции на ЕУ да развијат „нови иницијативи“, заедно со посредникот на Обединетите нации за преговорите за името, Метју Нимиц.
Во Предлог-резолуцијата за Македонија се посочува и дека „реформите и подготовките за пристапување кон ЕУ се попречени од страна на политичката поларизација“.
Се забележува назадување во важни области, се посочува на потребата од посветеност на клучни прашања во процесот на реформи: во судството, јавната администрација и медиумите, невработеноста кај младите и преглед на охридскиот Рамковен договор.
„Преговорите за членство треба да се отворат по исполнување на условите за тоа, особено што земјата се смета веќе многу години, како една од најнапредните држави во однос на усогласувањето со европското законодавство. Билатералните спорови треба да бидат соодветно опфатени во согласност со стандардите на ЕУ и на Обединетите нации и не треба да претставуваат пречка за почетокот на пристапните преговори“, стои во Предлог-резолуцијата на ЕП за Македонија.
Се повикуваат сите политички партии да ги прифатат резултатите од изборите во интерес на домашната стабилност и се нагласува нивната одговорност за да се осигура дека политичката криза нема да назадува натаму.
„Европарламентот повикува на брзо формирање на новата влада, со цел да се искористи мандатот за да се продолжи со потребните реформи и смета дека е од суштинско значење меѓупартиската соработка за решавање на домашните предизвици и на предизвиците поврзани со ЕУ. Европарламентот заклучува дека изборниот процес е подобрен, вклучувајќи ги и законските рамки, избирачките списоци и медиумската средина“, се вели во Предлог -Резолуцијата.