Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент денес го усвои првиот извештај за Северна Македонија по 2022 година. Извештајот беше подготвен од европратеникот Томас Вајц, кој воедно е и известувач за земјата.
„Горди сме на целокупната работа и напорите што беа вложени во постигнување компромиси, со што успеавме да донесеме избалансиран извештај, поддржан од политичкото мнозинство,“ изјави Вајц.
Тој нагласи дека Европската Унија мора да остане обединета со своите соседи во сложениот геополитички контекст.
„Северна Македонија припаѓа во ЕУ. По 20 години преговори, мора да го задржиме сегашниот позитивен замав и да продолжиме со унапредување на процесот на проширување,“ додаде Вајц.
Извештајот содржи осврт на политичките, економските и демократските реформи во земјата и претставува значаен чекор во европскиот пат на Северна Македонија.